03.01.2013, 16:04 Фалсификатите ни доаѓаат од Кина, Турција и Бугарија
Спортската опрема од „најк“, „адидас„ и „пума“ се меѓу најфалсификуваните марки производи кои стигнуваат во Македонија. Фалсификуваната стока најчесто е со потекло од Кина, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Бугарија.
Правото на интелектуална сопственост е регулирално со закон. Во Царинската управа заштитени се 386 трговски марки. Меѓу нив се најчесто фалсификуваните, како и Долче Габана, Томи Хилфигер...
Податоците на Царинската управа на Република Македонија за минатата година покажуваат дека се откриени 92 случаи на сомневање за повреда на правото на интелектуална сопственост при што привремено се задржани 390.565 парчиња разновидна стока. Меѓу нив се козметички, текстилни производи, енергетски пијалоци, техничка стока, обувки и слично. За годинава заклучно со 30 но��мври, Царината има откриено 119 случаи на сомнeвање за повреда на правото од интелекутална сопственост при што привремено се задржани вкупно 286.412 парчиња разна стока, како боја за чевли, освежувачи за автомобили, текстилни производи, обувки и друго.
Најголемиот дел од стоката е со потекло од Кина, а другиот дел е од Турција, Обединетите Арапски Емирати и Бугарија. Стоките со потекло од Кина доаѓаат во Македонија транспортирани во контејнери најчесто преку пристаништето во Солун, Грција, додека стоките со потекло од Обединетите Арапски Емирати доаѓаат преку Турција и Бугарија со товарни возила, најчесто со турски регистарски таблички.
Заштитата на правата од интелектуална сопственост во царинската постапка е регулирана со Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост и Правилникот за примена на Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост.
Царинската управа, согласно Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, може да дејствува по барање на носителот на право, во случај кога трговската марка е заштитена во Царинската управа и по службена должност, кога трговската марка не е заштитена во Царината.
Кога Царинската управа дејствува по барање на носителот на правото, известувањето за привремено задржана стока се испраќа од страна на царинските испостави и одделението за оперативни работи. Царинската управа испраќа известување до носителот на правото на трговската марка преку неговиот застапник кој има обврска во рок од три дена да одговори дали привремено задржаната стока е оригинал или фаслификат. Во случај зстапникот да потврди дека стоката е фалсификат, Царинската управа носи одобрение за уништување и стоката се уништува, доколку застапникот потврди дека привремено задржаната стока е оригинал, тогаш Царинската управа носи одобрение за ослободување, стоката му се враќа на увозникот, но се врши приспособување на пријавената вредност на стоката, која обично е значително пониска и стоката се царини по соодветна вредност.
Кога се постапува по службена должност, односно кога трговската марка не е заштитена во Царинската управа, а постои сомнение дека таа повредува право од интелектуална сопственост, Царинската управа ги известува регистрираните застапници на трговски марки во Царината и носителот на право на трговската марка, со цел да се поднесе барање за преземање царински дејства. Доколку се поднесе барање Царинската управа дејствува идентично како да станува збор за случај по барање на носителот на правото. Во случај да не биде поднесено барање, Царинската управа, со одобрение за ослободување, стоката му ја враќа на увозникот.
Доколку се потврди дека привремено задржаната стока по основ на сомневање дека повредува права на интелектуална сопственост е фалсификат, таа крајно се одзема и се уништува под царински надзор.
|