04.01.2013, 15:25 Божикниот концерт на „Скопски солисти“ со Нацоски и Таламанка
Организаторот најавува спектакуларен Божикен концерт, кој ќе се одржи на 8 јануари во Универзална, со познати дела
Тина Иванова
ФОТО: Киро Попов
Ансамблот „Скопски солисти“ најавува спектакуларен Божикен концерт, кој ќе се одржи во Универзална сала на 8 јануари во 20 часот, а кој овој оркестар традиционално го одржува веќе 12 години наназад. Овој пат, покрај домаќините, членовите на „Скопски солисти“, на сцената ќе се претстават уште неколку реномирани имиња, меѓу кои и македонскиот тенор Благој Нацоски, кој гради успешна кариера во Италија годиниве наназад, како и еден од најдобрите сопрани од поновата генерација, Италијанката Марчела Орсати Таламанка, која во последнава деценија, како што вели критиката, „буквално царува“ на оперските сцени во Италија, Франција, Швајцарија, Германија со своите маестрални изведби. Концертот ќе се одржи под диригентство на Алесандро Дагостини од Италија, кој често соработува со Македонската опера и балет. Публиката ќе има можност да слушне дела од големите светски композитори, како Бизе, Респиги, Хендл, Штраус, Моцарт, Шуберт, Адам...
„Годинава се потрудивме да направиме убава програма и да застапиме наши уметници. На наше големо задоволство го имаме тенорот Благој Нацоски и добро познатиот, за нашата публика, диригентот од Италија Алесандро Дагостини, со кого ја формиравме програмата и кој ги направи некои од аранжманите“, рече на денешниот прес обоистот и уметнички директор на „Скопски солисти“, Васил Атанасов. Тој додаде дека секогаш на програмата на концертот на „Скопски солисти“ се трудат да вметнат нови дела, таа да биде достапна за пошироката публика, но и да ја задржат традицијата со дела во духот на божикните празници.
Маестро Дагостини, кој зборуваше на македонски, истакна дека секогаш е среќен кога работи во Македонија, а особено сега, затоа што првпат ќе диригира со оркестарот „Скопски солисти“. „Направивме одлична програма. Сакав да вметнам и нешто италијанско, тоа е дело на Респиги, и тоа е лесна музика која е привлечна за публиката. Но, иако е лесна, таа е добро позната на јавноста, па таа сигурно ќе очекува и совршена изведба која се надеваме дека ќе и' ја понудиме. Нам ни беше задоволство да соработуваме, бидејќи ова е музика која комуницира со публиката. Свитата од ’Кармен‘, на пример, ја направив специјално за солисти и за оркестар и сметав дека тоа ќе биде интересно и за музичарите. Среќен сум што на сцената ќе стапнат солисти како Нацоски и Марчела, затоа што тоа е добар тандем“, рече Дагостини.
Благој Нацоски истакна дека уште со првиот концерт кој го одржал со „Скопски солисти“ во Домот на АРМ, имал одлична соработка.
„Се работи за камерен состав, па така е адаптирана и програмата. Меѓу другите арии, ќе ја исполнам и аријата од ораториумот ’Месија‘ од Хендл каде што се најавува Христовото раѓање, додека ’Аве Марија‘ од Шуберт ќе ја пеам на два јазика. Оваа идеја ми дојде пред два дена. Бидејќи, Шуберт не ја посветил на Богородица и ја напишал на германски јазик. Потоа почнала да се пее онаа верзија на латински. Затоа сега и јас ја препеав, па вториот дел ќе го пеам на македонски“, рече Нацоски.
Инаку, по Божикниот концерт, Благој Нацоски ќе пее во две опери во Македонија, кои ќе се изведат во февруари, „Дон Џовани“ и „Севилскиот берберин“, со која, пак, ќе одбележи десет години од неговото деби во Рим.
Атанасов најави и дека на Божикниот концерт ќе има мало изненадување за публиката, како и тоа дека билетите кои чинат 500 денари, за пензионерите, студентите и учениците ќе бидат со 50 насто попуст.
„Овој концерт трет пат се одржува во Универзална сала, со финансиска помош од Министерството за култура и Град Скопје. Ги поканувам сите љубители на ваков вид на музика да дојдат и да уживаат“, рече директорката на Универзална, Вера Бошковска.
|