04.01.2013, 12:48 Швеѓанката Еклунд за малку ќе си го пресекла вратот со скија
Вчера во хрватскиот скијачки центар Сљеме се случил сериозен инцидент, по кој за влакно била избегната голема трагедија
Во текот на официјалниот тренениг, во пресрет на спустот во рамките на Светскиот куп, шведската скијачка Натали Еклунд излетала од патеката и доживеала тежок пад.
Притоа, освен што загубила контрола, и се откачила и едната скија, која завршила на нејзиниот врат, па и направила исеченица со длабочина од пет сантиметри, пренесоа хрватските медиуми.
Крвавиот дел од снежната патека ги алармирал припадниците на Горската служба, кои молневито интервенирале, по што 21-годишната Швеѓанка веднаш била пренесена во болница.
„Се чувствувавме ужасно. Доколку исекотината беше само малку подлабока, можеше да се случи трагедија со многу поголеми последици“, изјави еден од тренерите на шведската скијачка репрезентација.
Се разбира, веднаш по несреќата, сите тренинзи на падините на Сљеме биле прекинати.
|