05.01.2013, 18:34 Билт: ЕУ опстана и покрај најавите за распаѓање
Европската унија опстана и покрај најавите за нејзино распаѓање, а оние кои тоа го тврдеа денес молчат, изјави денеска министерот за надворешни работи на Шведска Карл Билт.
- Некои говореа дека Грција ќе банкротира, дека еврото ќе исчезне и дека ЕУ ќе стане дел од историјата. Но ништо од тоа не се случи. Тие кои тоа го говореа денес молчат, истакна Билт на отварањето на Петтата конференција на турските амбасадори во Измир, јави Анадолија.
Билт истакна дека Европа низ историјата научила дека само со заеднички напори може да се напредува.
- И навистина правиме сериозни напори за да напредуваме. Затоа сега дополнително сакаме да го зголемиме нивото на економска интеграција во ЕУ. Од десет најконкурентни економиии во светот, шест се европски. Нивото на нашата трговска размена со светот не е ��агрозено, нагласи Билт.
Шефот на шведската дипломатија во својот говор се осврна и на ситуацијата во Сирија, напоменувајќи дека во таа земја се случува големо крвопролевање, кое мора да се спречи, што е можно поскоро со цел да запре натамошното страдање на цивилното население.
- Тоа што се случува во Сирија е многу потешко од она што се случи во Косово, во Алжир...Колку подолго траат судирите во Сирија, ќе биде потешко да се стабилизира државата, додаде Билт.
Тој истакна дека и покрај одредените противења во Европа, значителен дел од ЕУ го поддржува членството на Турција во Унијата.
- Важно е да имаме заедничка визија. Доаѓам од земја која силно го поддржува членството на Турција во ЕУ. Затоа е многу важно Турција да го забрза процесот на европски реформи. Двете страни имаат свои обврски, кои мораат да ги исполнат, заклучи Билт.
|