04.01.2013, 17:22 Британски „Сан“ со реклама ги брани Фокландите
Рекламата ги оспорува претензиите на Аргентина за островите и укажува дека британскиот суверенитет датира од 1765 година
Весникот „Сан“ објави реклама во весник на англиски јазик во Аргентина, бранејќи го суверенитетот на Велика Британија за Фокландските Острови. Рекламата е одговор на отвореното писмо од аргентинската претседателка, Кристина Фернандез де Кишнер, кое беше објавено во два британски весника.
Британскиот премиер Дејвид Камерон инсистираше дека островјаните треба да решат за сопствената иднина.
Аргентина ги нападна островите во 1982 година, но беше протерана од британските сили. Референдум за политичкиот статус на острови��е треба да се одржи во март.
Во четвртокот, претседателката Фернандез објавија отворено писмо до Камерон во весниците „Гардијан“ и „Индепендент“, повторувајќи ги повиците островите - кои во Аргентина се познати како Малвини - да бидат под суверенитет на нејзиниот народ.
Таа го повика Камерон да се придржува до резолуцијата на ОН од 1965 година да се „преговара за решение“ на спорот. Но, „Сан“ одговори со објавување реклама во „Буенос Аирес хералд“ – весник на англиски јазик со тираж од околу 20.000 – посочувајќи и' на Аргентина да „стои настрана“.
Рекламата се однесува на 649 Аргентинци и 255 британски војници кои ги загубија животите во војната од 1982 година и рече дека конфликтот се водел за одбрана на принципот на самоопределување. Рекламата понатаму ги оспорува претензиите на Аргентина за островите и укажува дека британскиот суверенитет датира од 1765 година. Рекламата завршува со зборовите: „Се' додека народот на Фокландските Острови не избере да биде аргентински, тие остануваат решително британски“.
Но, новинарот Даниел Швимлер, кој живее во Аргентина, рече дека пораката на „Сан“ нема да помине добро. Швимлер, кој е со седиште во Буенос Аирес, рече: „Тука сум седум години, и никогаш не сум сретнал Аргентинец, кој не верува дека Фокландите и' припаѓаат на Аргентина.
„Никогаш немало какво било непријателство кон мене кога велам дека сум Британец, но мислам дека е фер да се каже дека општо во земја со 40 милиони луѓе, Лас Малвинас – Фокландите, им припаѓаат нив“, додаде тој.
Аргентинската новинарка Селина Андреаси се согласува и вели дека рекламата на „Сан“ е многу провокативна.
На прашањето од Би-Би-Си Радио 5 каква ќе биде реакцијата во Аргентина, таа изјави: „Веројатно гнев, луѓето ќе се прашуваат што има ’Сан’ со тоа, но повторно аргументите што ги изнесува ’Сан’ се аргументите што Британците општо ги изнесуваат; аргументите што ги изнесува нашиот печат се исти како и секогаш - во основа тие не се ништо ново“. (Би-Би-Си) |