05.01.2013, 11:46 Бадников оган „ќе гори“ и во „Борис Трајковски“
Дуелот од 16. коло од Јадранската лига е закажан за денеска со почетокот во 17 часот, влезот е слободен
МАРИЈА КОВАЧЕВА
По кратката пауза, МЗТ Скопје денеска (17 часот) ја продолжува јадранската приказна, но сега во новата година. Имено, во салата „Борис Трајковски“ гостува силниот тим на Будуќност. Станува збор за противник со кој македонскиот шампион има горчливо искуство, во првиот дел на гостувањето во Подгорица доживеа убедлив пораз (81:71). За разлика од тогаш „металците“ се во далеку подобра форма, во составот имаат неколку измени и на кормилото го имаат искусниот Алеш Пипан, кој го препороди тимот.
И двете екипи во последното коло од м��натата година остварија големи победи, МЗТ Скопје со тројката на Тодор Гечевски во последните секунди го победи Широки, а додека Будуќност пред својата публика го доби лидерот на табелата Игокеја. Сепак овие резултати веќе се минато, иднината за македонскиот шампион се вика Будуќност, а амбициите се повеќе од јасни: Победа за израмнување на сметките и победничко отворање на оваа година.
Алеш Пипан има право да се надева на новите два бода, во Подгорица поради повреда не настапи Тодор Гечевски, а за разлика од тогаш на плејмејкерската позиција како дополнение го имаат Никола Оташевиќ, кој дојде на местото на Игор Мијајловиќ.
Српскиот интернационалец Урош Николиќ истакна дека во изминатиот период кошаркарите имале доволно време за одмор и максимална подготовка за дуелот против Црногорците, кои засега имаат една победа помалку од македонскиот тим, односно се наоѓаат на шестото место на табелата.
„Свесни сме дека ова е голем натпревар за нас, ни доаѓа одличниот состав на Будуќност, кој покажа дека може да победи секого во оваа лига. Играат како прав тим, немаат некои поединци кои се истакнуваат и мислам дека во тоа е нивниот најголем квалитет. Во Подгорица доживеавме пораз, но знаеме точно каде грешевме на тој натпревар и сега треба да ги исправиме тие грешки. Во изминатиов период работевме напорно и спремни го очекуваме овој дуел во кој сакаме да ја задржиме победничката серија“.
И покрај тоа Будуќност е доста реномиран противник со искуство и во Евролигата, но и со богата клупска историја, сепак на теренот се' се заборава, а кошаркарите на МЗТ Скопје ќе имаат за задача да остават се' настрана и максимално да ја спроведат тактиката за продолжување на победничкиот поход и зацврстување на петтото место на табелата.
„По кратката пауза за новогодишните празници повторно сме во сала и максимално концентрирани за следниот натпревар. Анализирани се играчите и играта на Будуќност и можам да кажам дека се работи за квалитетна екипа, одлично покриена на секоја позиција која секако се бори за висок пласман, па да се добие натпреварот нема воопшто да биде лесна задача. Ние ќе се обидеме да го спроведеме на терен она што цела недела го тренираме и договараме на тренинзите и се надевам на успешно продолжување на серијата“, изјави помошник-тренерот на МЗТ Скопје, Александар Јончевски.
Двојки 16. коло (5/6 јануари): Солнок - Широки, МЗТ Скопје - Будуќност, Игокеја - Раднички, Цедевита - Сплит, У. Олимпија - Ц. Звезда, Партизан - Цибона, Задар - Крка.
|