02.01.2013, 17:17 Ракометарите комплетни во Ниш
На вчерашниот собир се приклучи и голманот Ристовски, па Македонија ќе биде во најсилен состав на тест-мечевите со Египет и со Србија
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Со приклучувањето на Борко Ристовски, селекторот на машката ракометна репрезентација на Македонија, Звонко Шундовски конечно ги има на располагање сите 20 кандидати за настап на претстојното Светско првенство во Шпанија. Голманот на Гумерзбах при крајот на минатата година имаше клупски обврски во рамките на германската Бундес-лига, поради кои го пропушти делот од подготовките во Пореч, па на соиграчите од националниот тим им се приклучи на вчерашниот собир. Тој го пропушти првиот тест со Саудиска Арабија, кој „црвено-жолтите“ го добија со 28:21, а неговото доаѓање значи дека Македонија во најсилен состав ќе ги одигра двете преостанати контролни средби во Ниш со Египет утре од 18 часот и со Србија в сабота. Србите пред Нова година настапија на „Балатон куп“ во Унгарија, каде што на стартот ја победија Романија со 29:23, а во финалето загубија од домаќинот со 38:31.
Дваесетте ракометари од потесниот список на Шундовски вчера ја отворија завршната фаза од брусењето на формата за мундијалот со фитнес-вежби, а синоќа требаше да одржат и тренинг во СРЦ „Кале“. Дуелите со учесниците на СП, „бронзениот“ Египет од последниот Шампионат на Африка и европскиот вицепрвак Србија, не само што ќе бидат последна проверка на сработеното, туку и финален филтер за 16 патници во авионот за Севилја на 11 јануари.
Ден потоа Македонија ќе го почне своето трето учество на светските првенства по Египет 1999 и по Хрватска 2009, а прв противник во групата Б во Севилја ќе и' биде аутсајдерот Чиле. Следуваат средбите со домаќинот на СП 2015, Катар, потоа со Исланд, со Русија и со европскиот шампион Данска. Најуспешните четири селекции одат во осминафиналето, со тоа што првите две ќе играат на 20 јануари во Сарагоса, а третата и четвртата за место меѓу осумте најдобри во светот ќе се борат наредниот ден во Барселона. Двата најслаби тима од групата се селат во Гвадалахара, каде што на 21 и 22 јануари ги очекува утехата наречена Претседателски куп. |