03.01.2013, 13:18 „Сеча“ на носители во второто коло во Доха
Четворица се појавија на терените, а само еден од нив успеа да оствари победа и да го прескокне осминафиналното коло и тоа со тешки маки
Необјасниво немоќни беа носителите на турнирот во Доха на третиот ден. Четворица се појавија на терените, а само еден од нив успеа да оствари победа и да го прескокне осминафиналното коло и тоа со тешки маки. Ришар Гаске избегна елиминација во дуелот со пријатното изненадување од Словенија, Грега Жемлја, откако губеше со 5:2 во третиот сет. Оттогаш направи серија од 3:0, се избори за тајбрејк, а таму квалитетот изби на површина и Французинот победи со 7:3.
Може да се најде толеранција за поразите на третиот �� на четвртиот рекет во Катар, затоа што и двајцата загубија од тенисери кои порано беа во топ-10. (3) Филип Колшрајбер освои само еден сет против Гаел Монфис (6-4, 2-6, 6-4), кој пак чекори здраво кон целосно враќање по повредата. Михаил Јужни беше немоќен против поискусниот сонародник, Николај Давиденко и го заврши турнирот со 7-5, 6-3. Меѓу гледачите се пресели и Виктор Троицки по поразот од Лукаш Лацко со 2:0 (6-3, 7-5).
Во Бризбејн и во Ченај беа елиминирани само шестите носители. Во Индија, Робин Хасе ја загуби пресметката со Словенецот Алијаж Бедене со 7-5, 6-3, додека Флоријан Маер беше поразен од специјалистот за австралиски турнири, Маркос Багдатис со 6-4, 6-2. Своите статуси ги оправдаа Симон, Долгополов и Нишикори во Бризбејн, како и Типсаревиќ, Вавринка и Соеда во Ченај.
Росол најави нова победа над Надал
Човекот што го одигра последниот меч против Рафаел Надал, Лукаш Росол, демонстрира самодоверба на почетокот од новата сезона. Чехот кој го заврши настапот во Доха, по само два натпревара, изјави дека неговиот стил на игра не му одговарал на Надал и дека ако се сретнат, може пак да го победи. „Можно повторно е да го победиме Надал, па и Федерер и останатите. Сите сме луѓе, никој не е машина, некогаш победуваш, но некогаш губиш. Тоа е реалност во спортот и во тенисот“, изјави самоуверено 27-годишниот Росол. Тој го победи Надал на 28 јуни, во второто коло од Вимблдон и тоа остана последен меч на Шпанецот кој паузира веќе шест месеци поради повреда.
|