01.01.2013, 13:41 Почина сликарот Никола Ивановски- Балтон
Познатиот академски сликар почина на вчера во Скопје на 64 годишна возраст
Истакнатиот академски сликар и актуелен секретар на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, Никола Ивановски – Балтон почина на 31 декември во Скопје, на 64 годишна возраст.
Роден е во 1948 година во Штип, а дипломираше на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде и живееше. Своето богато ликовно творештво го презентираше на повеќе самостојни изложби во Македонија и во странство.Беше носител на повеќе награди, меѓудругото и на престижната наградата за сликарство, „Нерешки мајстори“. До почетокот на 2012 ја извршуваше функцијата технички секретар на ДЛУМ, а потоа и ја превзема функцијата на генерален секретар на Друштвото. „Безброј изложби и уметнички настани не можеа да се замислат без Коле – Балтон како што го викавме ние колегите. Големите изложби на ДЛУМ во Париз и Софија беа под негова реализација во што тој несебично и се вложи себеси. До последен ден ја подготвуваше престојната, годишна –ревијална изложба на членовите на Друштвото за 2013 година. Болката е огромна, бидејќи во нашите редови го имавме човекот кој мудро и трпеливо, со насмевка и невиден шарм помагаше во решавањето на сите моменти во ДЛУМ. Загубивме голем уметник и пред се голем човек и пријател кој гинеше за уметноста на нашата земја ... Слава му! “, посочија неговите колеги.
Посмртните останки на Никола Ивановски- Балтон ќе бидат погребани утре (среда) на Градските гробишта Бутел.
|