25.12.2012, 12:51 Во „Мала станица“ изложуваат шест автори
Изложбата „Лајф екшн/гејм екшн 2“ е кураторски проект на Ана Франговска, а претставува продолжение на минатогодишниот, истоимен прв проект
Уметниците Гордана Вренцоска, Славица Јанешлиева, Гоце Наневски, Игор Сековски, Александар Спасоски и Борис Шемов изложуваат свои дела во „Мала станица“ на изложбата „Лајф екшн/гејм екшн 2“ што ќе биде отворена вечерва во 20 часот.
Изложбата е кураторски проект на Ана Франговска, а претставува продолжение на минатогодишниот, истоимен прв проект. Учесниците во двата дела од проектот на еден специфичен начин се осврнуваат на неколку суштински аспекти од нашето општествено битисување, почнувајќи од едукацијата фокусирана на уметничкиот, т.е. културолошки дискурс, кој во нашиот образовен систем, како што напоменува кураторката, е сведен на чиста моторична вежба на телото, а не на духот; потоа на распнатоста на единката меѓу соништата и реалноста, очекувањата и актуелноста.
„Колку современото дело успева да воспостави релација со реципиентот и дали го третира воопшто тој проблем или уметноста се' повеќе станува „елитистичка“, привилегија на посебните. Дали трик-уметноста го заслужува вниманието или не. Дали инстант-уметноста може да задоволи вредносни критериуми. Дали уметникот знае да каже НЕ на барањата на кураторот или на институцијата и колку го чини тоа?“, се само дел од прашањата кои ги начнуваат уметниците , учесници во проектот за кој се подготвува книга во која теоретски за концептот на изложбата пишуваат кураторот и уметниците, а е илустрирана со проектите на застапените уметници на изложбите. (К.Б.)
|