26.12.2012, 17:15 УЈП: Илјада фирми се' уште не се пријавиле за е-даноци
В понеделник истекува рокот кога месечните даночни обврзници треба да се пријават за електронско поднесување пријави за ДДВ
Околу 1.000 фирми ризикуваат по 1 јануари следната година да не можат да поднесат даночни пријави за ДДВ во Управата за јавни приходи доколку во наредните три-четири дена не се регистрираат на системот на е-даноци на УЈП. До крајот на годинава истекува рокот кога месечните даночни обврзници треба да ги завршат процедурите за овој нов систем, кој предвидува даноците да се пријавуваат електронски, односно преку интернет, а не на шалтери и во хартиена форма како досега.
„Од околу 4.500 месечни даночни обврзници, на системот на е-даноци до сега се регистрирани околу 3.500“, велат во УЈП. Од таму објаснуваат дека кај нив постапката за регистрирање трае кратко, но претходно фирмите треба да завршат повеќе работи, да имаат интернет-врска, електронска адреса (имејл), како и дигитален сертификат на УСБ- токен, што пак, е поврзано со дополнителни процедури. Дигиталните сертификати на УСБ-токени кај нас издаваат две овластени фирми, КИБС и „Македонски телеком“, а чинат меѓу 2.300 и 4.200 денари.
Рокот за регистрација на месечните даночни обврзници истекува в понеделник, односно на 31 декември. Овие фирми се должни по Нова година да достават даночна пријава за ДДВ за декември до 25 идниот месец. Доколку го пречекорат овој рок, на фирмите им се закануваат глоби до 3.500 евра.
Некои од фирмите се жалат дека има нејаснотии во постапката на регистрирање, односно во пријавувањето на даноците по електронски пат. Од УЈП се категорични дека сите подготовки се направени навреме, како и дека со сите 4.500 фирми биле претходно остварени контакти преку пошта и преку коморите, а биле спроведени и повеќе обуки.
„Даночните обврзници кои поднесуваат даночни пријави преку сметководствени бироа и понатаму можат да го прават тоа преку нив, а сметководствените бироа можат да користат еден дигитален сертификат“, објаснуваат од УЈП. Може да се користат и дигиталните сертификати што даночните обврзници ги имаат набавено претходно за електронска комуникација со други институции.
Предностите на електронскиот начин на поднесување на даночните пријави се повеќекратни, велат од УЈП. Така, на пример, даночна пријава може да се поднесе буквално во минута до 24 часот, последниот ден од рокот, а не до 15,30 часот до кога работат шалтерите. „Со тоа се штеди време, се штеди и на хартија, а има и многу други придобивки“, велат даночниците. Покрај даночните пријави за ДДВ, електронски може да се извршуваат и други налози, како и да се пријавуваат даночните биланси за данок на добивка. (М.Ј.) |