26.12.2012, 17:04 Комерцијална банка ја продаде старата зграда и се сели во нова
Комерцијална банка ќе се сели во зградата „Сан Марко“ на плоштадот „Македонија“
Нина Нинеска-Фиданоска
Комерцијална банка ја продаде зградата во која се наоѓа во моментов и таму работи долг период наназад. Банката ќе се сели во нов деловен објект во центарот на градот, поточно на плоштадот „Македонија“, во близина на споменикот Воин на коњ. Оваа зграда сега е во сопственост на Комерцијална банка, откако ја реализираше хипотеката што ја имаше врз овој објект.
Инаку, Комерцијална банка ја продаде старата зграда за сума од 21,7 милиони евра или прецизно 21.736.625 евра, без даноци и давачки.
Засега не е познат новиот газда на старата зграда на Комерцијална, која е лоцирана на левиот брег на Вардар, до Македонската опера и балет. Дел порталите вчера објавија дека можно е купувач да биде Владата.
Банката вчера, преку ценовно чувствителна информација на Берзата објави дека склучила договор за продажба на свои објекти со површина од 22.525 квадратни метри, по цена од 21.736.625 евра, без даноци и давачки. „Со оглед на тоа дека во рамките на продадените објекти се опфатени и објекти во кои Комерцијална банка ја врши својата дејност, во иднина се планира банката да ја извршува својата дејност во други објекти во нејзина сопственост“, се вели во соопштението од Комерцијална банка.
Од банката велат дека немаат што да дополнат во поглед на продажбата на зградата, освен информацијата што официјално беше објавена на берзата.
Но, според неофицијални информации на „Утрински“, банката ќе се сели во зградата „Сан Марко“ на плоштадот „Македонија“ во главниот град. Се работи за метално-стаклен објект на шест ката, со куполен врв.
Комерцијална стана сопственик на овој објект откако ја реализираше хипотеката за одобрен кредит за неговата изградба. Поточно, фирмата „Уни-М“ пред неколку години за изградба на овој објект зела кредит од Комерцијална банка во износ од 12,3 милиони евра. Поради неплаќање на кредитот, банката во октомври 2010 година ја активирала хипотеката врз овој репрезентативен деловен објект, а потоа ја откупила. Првично, Комерцијална банка се обидела да ја продаде зградата „Сан Марко“ со почетна цена од 13,5 милиони евра.
„Утрински“ дознава дека мотивот за продажба на старата зграда на Комерцијална воопшто не е поради никакви финансиски причини. Аргумент за тоа, како што велат наши извори, дека мотивите за продажба на зградата на Комерцијална банка не се од финансиска природа, е фактот што сумата од 21 милиони евра новиот купувач нема да ја плати одеднаш, туку на рати во следните 15 години.
Исто така, како што се објаснува, дека причината за продажба на зградата не треба да се бара во мотиви од финансиска природа, е фактот што иако банката во третиот квартал од годинава објави загуба од околу 390 илјади евра, сепак таа во првите девет месеци од годинава има вкупен позитивен финансиски резултат, односно добивка од 4,33 милиони евра.
Инаку, новиот простор во зградата „Сан Марко“ е помал од оној во стариот објект кој е продаден, па поради тоа, како што се дознава, банката планира да докупи уште една зграда во оваа близина.
Инаку, како што се дознава, во старата зграда на левиот брег на Вардар до МНТ, ќе останат шалтерите на банката и граѓанските сефови. Тоа е договорено со новиот сопственик, односно е дел од договорот што е потпишан со купувачот на зградата. |