25.12.2012, 15:39 ЗНМ бара итен одговор кој ги избркал новинарите
Новинарското здружение го прекина дијалогот со Владата по собраниските случувања
Новинарскито еснаф денеска побара итен одговор кој наредил новинарите насилно да бидат отстранети од балконот на собранската дебатна сала, за да не видат како се изнесувани на сила пратениците од опозицијата.
Се најавуваат кривични пријави до непознат сторител за попречување во работата на новинарите, а ЗНМ ќе поднесе претставки и до сите надлежни служби – внатрешната контрола на МВР, претседателот на Собранието, Народниот правобранител.
Но, она што ЗНМ се обиде да го добие како одговор од релевантна адреса, стаса од собраниската служба за односи со јавност. Во изјавата за Слободна Европа се вели дека новинарите не биле насилно изгонети од Собранието, туку биле замолени да го напуштат и да се префрлат во прес-центарот. Според нив, одлуката не ја донел претседателот на собранието Трајко Вељаноски, туку службата за безбедност.
Веднаш по драматичните случувања во парламентот, ЗНМ свика итна седница на своите тела и објави прекин на преговорите со Владата.
„Здружението на новинари на Македонија ги прекинува разговорите со Владата, се' додека не се врати уставниот поредок во Македонија и додека извршителите на насилното однесување кон новинарите не бидат откриени и казнети согласно законот“, соопштија оттаму.
Причината за напуштање на преговорите е насилното исфрлање на новинарите од галеријата на Собранието, од каде новинарите ги следат пленарните седници.
„Наредбодавачите на овој срамен чин ја официјализираат цензурата и одлучија да кажат што смеат, а што не смеат да следат новинарите. Новинарите насилно избркани, со ништо не ја предизвикаа оваа реакција на обезбедувањето. Управниот одбор на ЗНМ ги прекинува разговорите со Владата, се' додека не се врати правниот поредок во Македонија, извршителите и наредбодавачите на ова срамно однесување да бидат откриени и казнети според законот“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. (Г.Д.)
|