26.12.2012, 16:57 УЕФА ги обжали своите казни за Србија и Англија
УЕФА вложи жалба против санкциите што ги изрече нејзиниот орган за контрола и за дисциплина против Србија и Англија за инцидентите на натпреварот на селекциите до 21 година во октомври.
„Прегледувајќи ги наведените одлуки за изрекување казни во конкретниот случај, дисциплинскиот инспектор на УЕФА почувствува дека е неопходно веднаш да ја потврди својата намера да се жали во име на УЕФА“, стои во соопштението од европската куќа на фудбалот.
УЕФА има право да се жали за одлуките што ги донел нејзиниот Дисциплински комитет и да побара потешки казни ако смета дека се преблаги.
Англиската Фудбалска асоцијација ја критикуваше УЕФА за тоа што не испратила „доволно силна порака“ за расизам откако Фудбалскиот сојуз на Србија беше казнет со 80.000 евра од УЕФА и му беше наредено следниот меч на репрезентацијата до 21 година на домашен терен да се одигра пред празни трибини откако нејзините играчи и навивачи беа прогласени за виновни за несоодветно однесување. Казните следуваа по победата на Англија со 1:0 во реваншот од баражот за Европското првенство до 21 година, одигран на 16 октомври во Крушевац, кога гостинскиот бек Дени Роуз се пожали дека бил навредуван на расистичка основа од српските фанови пред, за време и по натпреварот. Англија погоди од последниот удар на мечот, по што изби тепачка меѓу фудбалерите и официјалните лица веднаш по последниот свиреж.
Двајца тренери на Србија, четворица нејзини фудбалери и двајца англиски репрезентативци се суспендирани од УЕФА. |