28.12.2012, 14:45 Саудиска проверка за сениорите
Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва од 18 ч. во Пореч ќе ја има првата проверка пред јануарското Светско првенство во Шпанија, а противник ќе и' биде Саудиска Арабија. И Саудијците ќе играат на мундијалот, за што се изборија со третото место на Азискиот шампионат на кој беа домаќини во Џеда, па и за нивниот селектор Ненад Кљаиќ ова ќе биде тест на моментната форма на репрезентативците.
Двете селекции веќе една седмица тренираат во хрватскиот приморски град, каде што се сместени во ист хотел. Избраниците на Звонко Шундовски таму ќе останат до недела, по што се враќаат во Македонија за новогодишните празници, за новиот собир да го имаат на 2 јануари. Три дена подоцна во Ниш ги очекува контролен дуел со Египет, а наредниот ден и со Србија.
Македонија на СП ќе игра во групата Б во Севилја заедно со Чиле, со Катар, со Исланд, со Русија и со Данска, со кои ќе ги одмери силите по тој ред. (Р.Д.)
|