19.12.2012, 16:40 МЗТ со стапица за гладните „волци“
„Металците“ вечерва во 20,30 ч. го играат последниот меч на домашен терен годинава
МАРИЈА КОВАЧЕВА
МЗТ Скопје како никогаш до сега посакува победа. Последниот меч за оваа година пред домашната публика е дополнителна причина, која страшно ги мотивира „штрковите“ во дуелот со силниот состав на Цибона. Желбата вторпат да се добие хрватскиот тим ги затвори кошаркарите на македонскиот шампион, па деновите до вечерашниот дуел (20,30 часот) максимално ги посветија за подготовка. Изолирани од очите на јавноста тајно ја градеа тактиката за „гладните волци“ од Загреб, кои во Скопје допатуваа со една мисла да се реваншираат за шокантниот пораз (77:72) на отварањето на регионалното натпреварување.
Свесен за квалитетот и новите засилувања на Цибона, Словенецот на кормилото на МЗТ Скопје, Алеш Пипан, овој пат не сакаше многу да се расфрла со изјави. Неговите очекувања ги кажа во две реченици: „Го почитуваме секој противник, не се плашиме од никого. Посилни сме“, е кратката изјава на таинствениот Словенец.
И покрај тоа што Цибона во Скопје допатува со измени во составот и на кормилото го има Даниел Луц, сепак македонскиот шампион се надева на уште еден голем триумф.
Вечерва очекувањата се поинакви и за посетеноста на салата „Борис Трајковски“. Од клубот се надеваат дека првпат оваа сезона покрај фановите на МЗТ Скопје мечот ќе го проследат и оние неутрални љубители на кошарката од кои исто така се очекува голема поддршка.
Што се однесува до Цибона, главни ѕвезди во составот се Дарио Шариќ и Вилијам Смуш Паркер, двајца кошаркари кои неодамна го ставија потписот за славниот загрепски клуб. Иако се зборуваше дека Цибона нема пари, се најде таен спонзор кој плати 550.000 евра за откуп на Дарио Шариќ, најдобриот играч на годинешното јуниорско ЕП годинава на кое Хрватска го освои златото. Шариќ има 18 години и е еден од кандидатите за наградата најдобар млад играч во Европа.
Со Шариќ во составот, Цибона извојува победа над ривалот Цедевита, а загубија тесно на гостувањето кај лидерот Игокеа.
Ново лице во Цибона е и Вилијам Смуш Паркер, најпознат како поранешен член на Лос Анџелес лејкерс. Паркер при гостувањето кај Игокеа даде 14 поени и покажа дека ќе биде засилување за „цибосите“. Она што ја мачи Цибона се слабите игри на гостински терен. Од петте победи сезонава, само една е на гости, и тоа во Подгорица против Будуќност. Хрватите не губат многу топки и против нив противниците не може да се надеваат на многу лесни поени од контри. На првиот меч, најдобри им беа Зубчиќ и Хамилтон, а запрен беше Стробери, кој сега е осми стрелец и прв крадец во лигата.
По завршување на оваа средба за оваа година на МЗТ Скопје му преостанува уште едно гостување, в недела кај Широки.
Двојки за 14. коло: Црвена Звезда - Сплит, Шолнок - Крка, Задар - Партизан, Цедевита - Будуќност, Игокеа - Широки, Унион Олимпија - Раднички, МЗТ Скопје - Цибона. |