23.12.2012, 15:29 Кожуф е лидер на полусезоната
Гевгеличани ја искористија немарноста на Куманово, по продолжението славеа со 100:92. Изненадување на 9. коло го приреди Вардар славше над Струмица 69:66
Вистинско дерби се одигра во салата „26 Април“ во Гевгелија, каде продолжение беше потребно за да го одлучи победникот помеѓу двете екипи што оваа година го имаа својот дебитански настап во БИБЛ лигата. На крајот, триумф на Кожув против Куманово по продолжението (100:92) значеше превземање на лидерското место на табелата пред зимската пауза.
Кумановци имаат за што да жалат што не ја искористија шансата за победа по досуден прекршок над Урош Луковиќ на две секунди до крајот од натпреварот, центарот на гостинскиот тим ги промаши двете слободни фрлања, предизвикувајќи еуфорија меѓу домашните навивачи во салата во Гевгелија.
Во продолжение гевгеличани ја искористија предноста максимално и благодарение на расположените Мијајловиќ, Блажевски и Пековиќ дојдоа до големи два бода.
Најефикасен на мечот беше Димитар Караџовски кој реализираше 22 поени, пет скока и три асистенции.
Изненадувањето на последното коло од првиот дел го приреди Вардар откако на домашен терен со 69:66 го доби далеку посилниот тим на Струмица. Дарко Костевски со 20 поени и Игор Иванович со 19 поени беа главни лидери во таборот на домашниот состав.
Зад Работнички е уште еден пораз. По смената на Марјан Лазовски најтрофејниот клуб не успеа да најде решение за тимот на Лирија, во Сарај беше поразен со 96:90.
Паузата во Првата македонска лига во таборот на Работнички доаѓа во вистински време, челниците на клубот ќе мора да најдат квалитетен стратег и да променат одредени работи доколку сакаат оваа сезона да влезат во Супер лигата.
Куманово се засили со Инграм
Во преостанатиот дел од сезоната екипата на Куманово ќе влезе засилен на крилната позиција. Американецот Ентони Ли Инграм е новиот играч во составот на Кумановци, а Љубислав Луковиќ на располагање најверојатно ќе го има на четврти јануари.
Станува збор за играч роден 1998 година, последен клуб за кого настапувал е кипарска Омонија каде имал просек од 19,9 поени и 8,3 скока. (М.К.)
Резултати: Фени Индустри - Пелистер 85:58, Вардар - Струмица 69:66, Лирија - Работнички 96:90, Кожуф - Куманово 100:92.
Табела: Кожуф 16, Лирија 15, Фени Индустри 15, Куманово 15, Струмица 14, Работнички 13, Вардар 11, Пелистер 9. |