21.12.2012, 13:06 Червар трогнат со македонскиот пасош
„Добивањето на македонскиот пасош го доживувам како чест и почит за се' што направив за ракометот. Во Македонија ме прифатија како свој“
„Уживам во Скопје, тука сум три и пол години, ме држат како капка вода на дланка. Се чувствувам како дома“, изјави за порталот „24 сата.хр“ тренерот на Металург и поранешен селектор на ракометната репрезентација на Хрватска, Лино Червар. „Добивањето на македонскиот пасош го доживувам како чест и почит за се' што направив за ракометот. Во Македонија ме прифатија како свој“.
Само што се подготвуваше за враќање во Хрватска за божикните празници да ги помине со семејството. Кој пасош ќе го користи?
„Хрватскиот, се разбира“, решителен е Лино, кому ова признание му даде поттик за понатаму: „Тоа не е мала работа. Па, не се делат пасоши тукутака. Силно ме трогна овој нивен чин. Тоа е искрено почитување за се' што сум направил и што со душа и понатаму ќе работам“.
Македонија и Македонците го воодушевија „на прва“.
„Горди се и достоинствени, оптимисти се без оглед на сите проблеми, се чувствува позитивен национален набој, како во Хрватска“, вели Лино.
Бившиот хрватски селектор во Скопје ужива и во локалната храна.
„Скарата е извонредна, но тоа што ме воодушевува се предјадењата, сите видови салати, се' е еколошко. Кога јадеш домат, има вкус и мирис како тие од детството. Па, сите тие ајвари, пинџури, свежи сирења... Ма, рапсодија на вкусови“, заклучи Лино Червар. (24 сата.хр)
|