26.12.2012, 16:56 Надал не игра ни во Абу Даби
Шпанецот го откажа учеството на егзибицискиот турнир што почнува денеска поради стомачен вирус
Ќе почекаме уште малку до враќањето на Рафаел Надал на тениските терени. Организаторите на егзибицискиот турнир во Абу Даби, преку официјално соопштение, известија дека Шпанецот се повлекол поради болест. Неговото место ќе го пополни сонародникот Николас Алмагро.
„Рафа Надал беше присилен да се повлече во последен момент поради стомачен вирус“, стои во соопштението. Рафа беше повреден и паузираше шест месеци. Пред месец и пол почна да тренира и планираше камбек на популарниот Мубадала турнир на кој не пропушти ниту едно од четирите изданија, а последните две ги освои.
„Многу сум разочаран што нема да можам да се натпреварувам во Абу Даби, оваа година. Бев многу возбуден да се вратам овде затоа што секогаш сум имал одлични моменти, а ова ќе биде првпат да го пропуштам турнирот“, изјави светскиот рекет број четири на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“ и продолжи да ги објаснува причините за новото откажување.
„Рехабилитацијата течеше одлично, коленото ми беше добро и очекував да заиграм. За жал, лекарите ме известија дека на моето тело му треба одмор за да се бори со стомачен вирус. Сакам да се извинам на сите мои навивачи во Абу Даби и низ целиот свет, се надевам дека следната година ќе се вратам и ќе го освојам турнирот“, рече Шпанецот, кој досега броеше до 11 гренслем- титули. Сега останува да го чекаме почетокот на турнирот во Доха, на 31 декември, каде што Надал е пријавен како прв носител. Ако се појави таму, тогаш нема да му остане последен во календарската 2012 поразот од Лукаш Росол во второто коло на Вимблдон на 28 јуни.
Турнирот во Абу Даби почнува денеска, а Надал требаше да биде слободен во првото коло и да го чека подобриот од мечот Типсаревиќ - Мари.
Типсаревиќ уапсен на аеродромот
Јанко Типсаревиќ бил приведен на аеродромот во Абу Даби бидејќи официјалните лица утврдиле дека поминал рокот на визата за престој во таа земја. „Во пасошот пишува дека визата ми трае 60 дена, но според нивниот систем таа е издадена само на 30. Моментно чекам во службените простории на аеродромот“, напиша српскиот тенисер на својот профил на „Твитер“. Сепак, два часа подоцна царинските служби му се извиниле и го пуштиле. Деветтиот тенисер на светот ќе биде дел од егзибицискиот турнир што почнува утре и означува почеток на новата сезона. |