28.12.2012, 09:31 Ромпуј: Камерон ја загрозува иднината на ЕУ
Анкетите покажуваат дека Британците се` повеќе се за целосно излегување на Велика Британија од Унијата
Британскиот премиер Дејвид Камерон ја загрозува иднината на ЕУ, предупреди претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј во интервју за британскиот весник „Гардијан“.
Ромпуј алудира на обидите на Камерон за враќање на некои од овластувањата на Брисел на Лондон. Минатиот месец под притисок на евроскептиците во партијата британскиот премиер изјави дека поддржува членство на Велика Британија во ЕУ, но дека сака нов европски договор кој вклучува постапка за исклучување на Лондон од некои клучни проблеми.
Претседателот на Европскиот совет сега за прв пат официјално реагираше на изјавите на Камерон.
- Ако секоја членка има можност да прави избор од актуелните европски политики, да прифаќа едни или да отфрла други, кои не и се допаѓаат толку многу, тоа унијата во целина и особено единствениот пазар ќе ги распадне многу брзо, истакна Ромпуј.
Тој истакна дека сите земји може да формулираат посебни барања и да имаат посебни потреби, како и дека тие секогаш биле земани во предвид.
Сепак, според него предложените од Камерон промени во европските договори ќе се поврзат со долги и тешки постапки, за кои е потребна едногласност од сите 27 земји членки.
Во интервјуто за „Гардијан“ Ромпуј истакна дека доколку Велика Британија одлучи да ја напушти ЕУ тогаш тоа ќе биде исто како пријател да замине во пустина. Велика Британија е членка на ЕУ од 1973 година, но не е дел од еврозоната.
Анкетите покажуваат дека Британците се повеќе се за целосно излегување на Велика Британија од ЕУ, што ја сметаат за институција која се меша во внатрешните работи на земјата и троши пари, додека на Британците им се наметнуваат мерки за штедење.
Повеќе од половината Британци би гласале за излегување на земјата од ЕУ
Според најновото социлошко истражување на Ај-Си-Ем, 51 отсто од Британците се за излегување на земјата од ЕУ, а 40 отсто би сакале да остане членка на Унијата.
Истражувањето покажа дека се настанати сериозни промени во расположението на Британците во споредба со периодот од пред десет години, кога 68 отсто од анкетираните сакаа да останат во ЕУ, а 19 проценти беа за излегување.
Минатата година соодност беше 40 отсто (за останување) наспроти 49 отсто (за излегување).
Односот кон ЕУ се објаснува со повеќемесечната актуелна криза во еврозоната, што е следена од стравувањата поврзани со евентуалниот крах на заедничката валута.
Британските парламентарци бараат премиерот Дејвид Камерон да организира референдум за судбината на членството на земјата во ЕУ. На почетокот на новата година премиерот ќе оддржи говор за односите меѓу Велика Британија и континентална Европа. Се очекува тој да го искористи овој повод за да предложи по 2015 година да се оддржи референдум за условите на британското членство. |