28.12.2012, 13:35 Седете дома и не отворајте прозорци, надвор е презагадено
На големата загаденост на воздухот, покрај зголемената концентрација на ситна прашина, влијае и временската состојба карактеристична за Скопската Котлина во зима
ФОТО: Киро Попов
Бојан Шашевски
Деновиве најдобро е да се остане дома и да не се отвораат прозорците. Загадениот воздух и маглата им го загорчуваат животот на граѓаните, па надлежните конечно излегоа со препораки што и како да се прави во услови кога дишењето е отежнато поради големото присуство на штетни честички во воздухот.
„Се повикуваат граѓаните да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања. Се препорачува малите деца, бремените жени, хроничните болни и постарите луѓе да не излегуваат на улица, при затоплување на домовите да не се користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси, а граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди“.
Ова се предупредувањата и препораките што Град Скопје им ги упати на сите граѓани, но и потенцијални загадувачи на воздухот.
Градските власти прогласија мерки од прв степен загаденост на воздухот, поради, како што наведуваат, нарушениот квалитет на амбиенталниот воздух, односно надминувањето на граничните вредности за партикуларните прашливи честички помали од 10 микрометри (ПМ10). Потенцираат дека загаденоста резултира и поради временската состојба карактеристична за Скопска Котлина во зима, а мерките се во согласност со известувањата од Министерството за животна средина и Одлуката за алармантни состојби на квалитетот на воздухот во градското подрачје.
„Се препорачува граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат. Се препорачува да не се користат уреди за затоплување и за готвење на фосилни горива, граѓаните да не ги користат своите автомобили без поголема потреба, туку да го користат јавниот превоз. Возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, во спротивно подлежат на ригорозни санкции, а сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови“, се вели во соопштението со препораки од Градот.
Од таму апелираат и до стапанствениците, своите технолошки процеси да ги вршат крајно претпазливо и да одбегнуваат се' што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот. |