29.12.2012, 19:05 (ФОТО) Вооружен грабеж на златара среде бел ден во Кавадарци
Ангел Данов
Кавадарци - Четворица маскирани разбојници околу 9.20 часот утринава влегле во златарта МС голд во центарот на Кавадарци го нападнале соптвеникот Сашко Коцев и успеале да одземат околу 500 грама златен накит во вредност од околу 20 илјади евра.
"Додека ја редев витрината со накит надвор пред дуќанот застана кола. Испаднаа 3-4 со маски на главите. Влегоа во дуќанот извадија пиштоли.Јас почнав да излегувам, од дуќанот. Почнавме да се туркаме и да се бориме. Испаднав надвор, еден или двајца беа со мене надвор другите собираа , еден со кој се борев испука со пиштолот" рече во изјава за медиумите сопственикот на златарата Сашко Коцев, кој во битката со разбојниците заработил и неколку повреди. Му била укажана лекарска помош. Рече дека бил со неколку конци на главата.
"Мислам дека едниот одразбојниците го знам.Оставам понатаму полицијата да си ја заврши работата. Има снимки од безбедносните камери. Се е снимено. Не е прв пат да се соочувам со кражби. Пред 2 години го скршија стаклото од излогот и ги украдија часовниците. Пред две недели влегоа од соседниот дуќан. Го дупнакле ѕидот и влегле во златарата. Таа дупка е соѕидана и единствено за да влезат е овој начин кога златарата работи" рече Коцев кој видно револтиран побара полицијата работата да ја истера до крај и криминалците да бидат соодветно казнети.
Додека траеше увидот од полицијата голем број граѓани беа собрани. Се слушаа коментари дека ваквите дрски криминалци не ги третира соодветно законот.
"Беше ужасно. Среде бел ден се пукаше. Не е во ред во оваа држава трговите поради фискална каса да се казнуваат по 5 илјади евра, вакви криминалци да поминуваат со благи казни" коментираа граѓаните. Некои се прашуваа и дали Кавадарци од мирен и безбеден град станува место со криминалци.
|