28.12.2012, 15:47 Делницата Катланово - Велес повторно во употреба
Обновени се вкупно 27 километри од автопатот „Александар Велики“ за што се вложени 7,3 милиони евра
По 16 месеци работа заврши реконструкцијата на делницата Катланово - Велес, дел од автопатот „Александар Велики“ од Коридорот 10. Денеска свечено беа пуштени во употреба обновените 27 километри од автопатот, во кои беа вложени 7,3 милиони евра. Работите на терен ги изведуваше оперативата на АД „Гранит“.
„Патниот правец Катланово - Велес е еден од најкористените патишта во Македонија. Делницата последен пат е рехабилитирана во 1985 година и од тогаш до денес немало никакви посериозни интервенции. Цели 27 години велешани, скопјани, штипјани, прилепчани, битолчани, струмичани и сите наши граѓани кои го користеа овој пат возеа по пат со дупки, одрони, лоша сигнализација. А, по него поминуваат и многу странци кои ја посетуваат нашата земја или транзитираат кон Грција или Србија. Токму затоа Владата изнајде начин и средства да направи целосна рехабилитација и модернизација на овој патен правец“, рече премиерот Никола Груевски на вчерашното предавање на патот во употреба и притоа најави дека во текот на идната година би требало да се прави рехабилитација и делницата од Велес кон Скопје.
На делницата Катланово - Велес комплетно е обновен асфалтот, поставена е современа хоризонтална сигнализација, изработени се нови банкини, поставена е мрежа за заштита од одрони и повеќе од 230 знаци.
Во меѓувреме се работи на проектот за доизградба на Коридорот 10 во Македонија, на делницата Демир Капија - Смоквица. Како што рече Груевски, станува збор за една од најголемите инфраструктурни инвестиции во последните 20 години во државата.
Премиерот говореше и за тековните активности поврзани со други инфраструктурни проекти, како што е на пример, делницата Радовиш - Струмица, која е во завршна фаза, како и патот кон ски-центарот Кожув.
„Сите овие проекти јасно говорат дека Македонија е способна за крупни инвестиции во транспортната инфраструктура. Сите овие патишта се на народот, се градат од средства на народот и ги користат сите граѓани без разлика на партиска, етничка, верска или национална припадност“, рече Груевски. (Б.А.)
|