28.12.2012, 14:56 Годинава имавме три филма во Берлин
Директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башески, рече дека Македонија постигнала прогрес во филмската продукција
„Филмскиот фонд на Македонија постигна евидентен прогрес во филмската продукција во земјава“, изјави директорот Дарко Башески на денешната прес-конференција.
Во последните пет години, како што рече, од страна на Филмскиот фонд се поддржани 61 филмски проект, а зголемено е и присуството на меѓународните филмски фестивали. А што се однесува до бројките, Башески нагласи дека оваа година филмовите биле присутни на 192 филмски фестивали, а во последните четири години учествувале на над 417 филмски фестивали. Исто е и со наградите, само оваа година македонските остварувања освоиле 30 награди, а во последните четири години 81 награда.
Како еден од поголемите успеси Башески го издвои филмот „Трето полувреме“ во режија на Дарко Митревски, кој, како што рече, има над 700.000 гледачи, а проекциите се' уште се во тек.
„Оваа година имавме голем успех на Берлинскиот филмски фестивал, каде што учествувавме со три филма, „Жената што си ги избриша солзите“ во режија на Теона Митевска, „Парада“ на Срѓан Драгојевиќ, каде што Македонија беше копродуцент и краткиот филм „Бардо“ на Марија Апчевска. А на Канскиот филмски маркет продуцентот Роберт Насков беше дел од проектот на Европската филмска промоција за претставување на европските продуценти „Producers on the Move“.
Оваа година Филмскиот фонд набави и дигитални кинопроектори за Центрите за култура во државата. Во првата фаза кинопроектори добија киносалите во Куманово, Охрид, Струга, Делчево, Крива Паланка, Неготино, Кочани и Гостивар, а во следната треба да добијат Тетово, Дебар, Кичево, Велес, Струмица и Прилеп. |