03.01.2013, 13:37 Концертот за Василица годинава посветен на Верди
Љубителите на операта ќе можат да уживаат во арии од оперите „Магбет“, „Риголето“, „Дон Карло“, „Трубадур“, Травијата“...
Македонската опера и балет, в сабота во 20 часот, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод празникот Василица. Годинава концертот е посветен на големиот италијански композитор и мајстор на операта Џузепе Верди по повод 200 години од неговото раѓање. Во негова чест, на програмата ќе се најдат познати арии, дуети, хорски делници и увертири од неговите опери, од кои некои прв пат ќе се изведат во Македонија. Љубителите на операта ќе можат да уживаат во арии од оперите „Магбет“, „Риголето“, „Дон Карло“, „Трубадур“, „Фалстаф“, „Симон Боканегра“, „Бал по маски“, „Набуко“, „Травијата“, а прв пат во Македонија ќе се изведат ариите на Нанета од операта „Фалстаф“, како и аријата на Амелија од операта „Симоне Боканегра“.
Диригент е Бисера Чадловска, а на концертот ќе настапат нашите истакнати оперски уметници: Славица Петровска-Галиќ, Весна Ѓиновска-Илкова, Благица Поп Томова, Ирена Кавкалевска, Катерина Стојановска, Цветан Стојановски, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Ристе Велков, Владимир Саздовски, Драган Ампов, како и Иван Момиров, тенор од Бугарија.
Почнувајќи од 1995 година, Македонската опера и балет им нуди можност на љубителите на оперската уметност да уживаат во едни од најубавите светски оперски арии, хорски делници и увертири на овој традиционален василичарски концерт.
|