25.12.2012, 14:15 Се обновува Драмската програма на Македонско радио - Радио Скопје
В петок премиера на радиодрамата „Мајче“.Главната улога и' е доверена на Јоана Поповска
На денот на Македонското радио - 28 Декември (петок), во редовниот драмски термин на националното радио, од 20 часот, ќе биде емитувана радиодрамата „Мајче“ од Иван Карадак, која победи на анонимниот конкурс за радиодрама што го распиша Македонската радиотелевизија во февруари годинава, а на кој беа пријавени повеќе од 70 текста. Со тоа, како што вели Софија Гогова-Врчаковска, одговорна за новата Драмска програма на Радио Скопје, МРТ прави напори на своите програми да ги врати сите вистински брендови што и' даваат белег на националната телевизија. Стартот е со „Мајче“, драма посветена на сите мајки, со која ќе биде означен и официјален почеток на секторот за радиодрама по околу две децении пауза (со исклучок на инцидентни проекти).
„Радиодрамата ’Мајче‘ ја посветив на сите наши мајки за кои никогаш не најдовме време, макар со малку внимание, да им возвратиме за сета нивна љубов, што тие целиот свој живот толку несебично ни ја даруваа“, вели авторот Иван Карадак.
Главната улога и' е доверена на Јоана Поповска, а во останатите улоги се појавуваат актери од скопските театри. |