26.12.2012, 16:12 Тестови со Грција и со Шпанија пред Евробаскет
По историското четврто место во Литванија, Македонија стана посакуван спаринг-партнер
МАРИЈА КОВАЧЕВА
Кошаркарската репрезентација на Македонија ја очекува богата програма во делот подготовки за претстојното Европско првенство, кое ќе се одржи следната година од 4 до 22 септември во Словенија. За потсетување, нашите кошаркари се најдоа во групата Б заедно со Литванија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Летонија и Србија, противници со кои „црвено-жолтите“ веќе претходно се имаат сретнато и кои истовремено бараат квалитетни подготовки исполнети со голем број контролни натпревари.
По освоеното историско четврто место на ЕП Литванија 2011 година, Македонија стана еден од најпосакуваните спаринг-партнери, на адресата на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) пристигнаа голем број покани за учество на турнири во организација на звучни европски имиња.
Според планот, првиот собир на националниот состав би требало да биде на 20 јули, седум дена подоцна против Полска ги отвораме контролните мечеви. Веќе на 28 истиот месец следува дуелот со домаќинот на евробаскетот, селекцијата на Словенија на гостински терен, по што кошаркарите се' до 4 август ќе останат во Крањска Гора каде што ќе ги реализираат кондициските подготовки.
Во периодот од 6 до 8 август предвидено е нашата експедиција да отпатува во Италија каде што ќе биде дел од меѓународен турнир каде што покрај домаќинот ќе одиграме уште две средби со засега непознати противници, најверојатно тоа ќе биде екипи што ќе бидат дел од ЕП 2013 година.
По завршување на турнирот кошаркарите се враќаат во Скопје и на 17 август во „Борис Трајковски“ ќе гостува селекцијата на Литванија, со овој дуел ќе биде одбележан првиот историски натпревар на македонската кошаркарска репрезентација.
Шпанија ќе биде следна дестинација во периодот од 20 до 21 август ќе следи дуелот со актуелниот европски шампион со кој на минатото Европско првенство се сретнавме во полуфиналето.
По Шпанија нашиот најдобар национален состав се сели во Германија каде што на 23 август ќе се одржи силен турнир во кој покрај домаќинот, ќе земат учество Грција и Босна и Херцеговина. Европската турнеја пред стартот на евробаскетот ќе биде заокружена со еден или два гостински натпревари со Русија (26 или 27 август).
По завршување на подготовките македонската експедиција ќе се закотви со словенечкиот град Јесенице каде што ќе ги одигра натпреварите од групата Б и за прв противник ќе ги има кошаркарите на Црна Гора против кои го отворивме Европското првенство во Литванија.
Инаку, челниците на МКФ се' уште се во потрага по селектор, во изминатиот период беше најавено дека Италијанецот Лука Банки е еден од најпосакуваните имиња, но се' уште нема конкретен став околу негово ангажирање во репрезентација.
|