24.12.2012, 13:48 Новицки се врати, Далас декласиран
Сан Антонио ги совлада Меверикси со 129:91, Германецот со осум поени во дебито сезонава
Враќањето на Дирк Новицки на Далас не му донесе среќа. Германецот и неговите соиграчи не можеа да најдат противигра за расположениот Сан Антонио, кој ги декласираше со убедливи 129:91.
Во своето деби сезонава Новицки одигра само 20 минути, тој се врати на клупата бидејќи Спарси во текот на целиот меч доминираа, а во еден моменти имаа предност од плус 46 поени разлика.
„На средината на третата четвртина губевме 80 поени разлика, затоа не морав да играм“, преувеличува Новицки, кој запиша осум поени.
Најефикасен во победничкиот табор беше Дени Грин со рекордни 25 поени во неговата кариера. Тони Паркер реализираше 18, Кави Ленард 17 и Тим Данкан 15 поени.
Клиперси ја продолжија серијата, до 13. триумф во низа дојдоа откако на гостувањето кај Феникс славеа со убедливи 103:77.
Блејк Грифин со 25 поени 11 скока беше централна фигура на натпреварот, дабл-дабл ефект забележа и Крис Пол (17 поени и 13 скока).
Во „Медисон сквер гарден“ се одигра неизвесен меч меѓу Њујорк и Минесота. Кармело Ентони со своите 33 поени се погрижи Никси да дојдат до 12. победа на домашен терен (94:91), а додека противникот да го запише деветтиот пораз на гостински терен.
„Во прашање беше само моментот кога ќе направиме пресврт. Во првото полувреме воопшто не игравме добро, нозете не не' слушаа, немавме доволно енергија. Си направивме проблеми, но знаевме како да се извлечеме. Ова беше еден од оние мечеви во кои не сакавме по никоја цена да загубиме, тоа го покажавме“, коментира по натпреварот Кармело Ентони. Покрај него добра игра прикажа Џеј Ар Смит со 19 поени и Тајсон Чендлер со 16 поени и десет скока.
Бруклин и Филаделфија во последно време не ја играат играта како од стартот на сезоната, за двата тима овој дуел беше важен за враќање на победничкиот дух. Поуспешни во ова беа Нетси, на крајот славеа со 95:92, во доста неизвесен натпревар Џо Џонсон од линијата за слободни фрлања стави крај на приказната.
„Многу ја посакувавме оваа победа, ни беше потребна за да се вратиме во победничката патека особено на домашен терен. Користевме некои акции што ги игравме на стартот на сезоната. На крајот се покажаа како успешни, можеме да бидеме задоволни“, изјави Дерон Вилијамс, кој запиша 16 поени. Пред него Џо Џонсон со 22 поени.
Резултати: Њујорк - Минесота 94:91, Орландо - Јута 93:97, Сан Антонио - Далас 129:91, Феникс - Лос Анџелес Клиперс 77:103, Сакраменто - Протланд 108:96, Бруклин - Филаделфија 95:92. |