24.12.2012, 16:24 Надал не очекува да биде фит пред март
Освојувачот на 11 гренслем-титули смета дека ќе биде во полна форма за мастерсите во Индијан Велс и во Мајами
Рафаел Надал не очекува да биде целосно физички подготвен и блиску до својата најдобра натпреварувачка форма до тенискиот мастерс во Индијан Велс во март. Тој ќе се врати на теренот на „Мубадала светски тениски шампионат“ во Абу Даби в четврток по шестмесечна пауза поради повредата на коленото.
„Треба да видам како напредува и како реагира на интензитетот и на барањата за игра со тенисери од толку високо ниво“, изјави Надал во интервјуто за шпанскиот дневник „АБЦ“.
По шокантниот пораз од Чехот Лукаш Росол во второто коло на Вимблдон во јуни на Надал му беа дијагностицирани делумно кинење на тетивата на чашката и воспаление на неговото лево колено и тој не беше во можност да ја брани олимписката титула на Игрите во Лондон. Освојувачот на 11 гренслем- трофеи во сингл ги пропушти и Ју-Ес опен и завршниот турнир во сезоната „Ворлд тур чемпионшипс“ пред да се врати на тренинзите на 20 ноември. Според него, „коленото се' уште не е сто проценти“ и тој планира полека да се враќа.
„Не размислувам на долг рок, фокусиран сум само на коленото, да видам како тоа одговара, па ќе видиме за понатаму. Сакам да бидам сигурен дека тоа е целосно подготвено за повторно да почнам да се натпреварувам со сета сила, без никакви сомнежи. Ако се чувствувам добро во Абу Даби, ќе продолжиме, ако не, ќе го прифатам тоа мирно“.
Првиот гренслем во 2013 година, Австралија опен, почнува на 14 јануари.
Надал (26), кој освои рекордна седма круна на Ролан Гарос во мај на својата омилена земјена подлога, вели дека победите не му се приоритет во претстојните недели и оти тој е наполно фокусиран на шравилното заздравување на коленото.
„Мојата цел не е оваа седмица, не ниту Доха (почнува на 31 декември) или Австралија“, изјави тој. „Цел ми е да бидам во форма, повторно да се чувствувам целосно добро и наполно подготвен. Мојата сезона, мојата вистинска цел е да бидам во совршена состојба за Индијан Велс и за Мајами (во март) и да заминам за Монте Карло (во април) со добри чувства, да влезам во сезоната на земја во добра форма. Последен турнир на кој играв во добра форма беше Ролан Гарос и го освоив. Кон крајот на февруари или во март ќе се чувствувам добро. Тогаш почнува мојата сезона, тогаш ќе си речам дека сум подготвен за победа“.
Атлетскиот, агресивен стил на игра многу зависи од неговите мускули и тој беше надвор од теренот поради повреда повеќепати во 11-годишната кариера. Тој додава дека не ја разгледувал можноста да биде принуден да се повлече од играњето тенис.
„Не, не, не. Не сум помислил на тоа“, изјави тој за „АБЦ“. Тенисот е спорт што не трае вечно. Не е како голфот, кој можете да го играте 20 или 25 години без никакви проблеми. Во тенисот времето е ограничено, така стојат работите. Јас сум оптимистички тип и верувам дека не сум заборавил да играм тенис во текот на последниве месеци“.
|