26.12.2012, 15:11 Окрупнување на земјиштето за поконкурентно земјоделство
Од околу 450.000 хектари обработливо земјиште, 100.000 ќе бидат приоритет за окрупнување. Овој процес т.н. консолидација е комплексен и долготраен, минимум 20 години, но ќе ги опфати сите расцепкани парцели во согласност со правната рамка која се очекува да биде донесена кон средината на идниот месец.
Земјоделците ја поздравуваат новововедената политика на окрупнување, која, велат, значително ќе придонесе за поконкурентно производство и подобар живот во руралните средини. Според нив, посебно критични во однос на фрагментираноста се површините во Пелагонија, Струмичко и Полошкиот регион.
„Структурата на земјоделските стопанства во Македонија е многу неповолна од аспект на големината на земјоделските имоти, бројот и меѓусебната оддалеченост на парцелите, нивното растојание до населените места, неправилната форма, пристапот до локалните патишта и системите за наводнување. Просечната големина на семејно земјоделско стопанство е 1,62 хектари. Поголемиот дел, пак, околу 63 отсто, се со мешана производна структура и површина под 1 хектар. Сопствениците во ваков случај имаат по 5 до 7 или 10 парцели“, изјави ресорниот министер Љупчо Димовски пред денешниот состанок на Советот за земјоделство и рурален развој.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев, уверува дека земјоделците не треба да се плашат дека со окрупнувањето ќе им се намалат површините. „Во најлош случај може да изгубат само пет отсто од нивите, пред се', поради патиштата што ќе се прават. Притоа е многу битно да се знае дека сами ќе управуваат со размената на земјиштето“, посочи Шаклев.
Процесот ќе овозможи зголемување и правилно оформување на парцелите, како и полесен пристап, односно изградба на патишта и системи за наводнување и одводнување.
Консолидацијата ќе се спроведува на доброволна основа. Минимум 70 проценти од сопствениците на земјиштето во одреден регион треба да се согласат за да се реализира окрупнувањето. (Ек.Р.) |