25.12.2012, 13:20 Граѓаните незадоволни од доцнењето на поштенските пратки
Корисниците на поштенски услуги во Македонија се помалку се задоволни од брзината на достава на пратките. Се повеќе ги користат услугите на брзата пошта и на операторите што нудат експресна достава, покажува истражувањето за задоволството на корисниците на услугите на поштенските оператори за 2012 година, што го презентира денеска Агенцијата за пошти.
Користењето поштенски услуги најчесто се од национален карактер и за лични потреби од типот на писма, подароци и честитки, кои корисниците очекуваат да бидат доставени за еден до три дена максимум. Од вкупно 800 испитаници, 28 проценти рекле дека не се задоволни од брзината на доставата, а 37 проценти дале неутрален одговор.
Според истражувањето, се намалува испраќањето класични писма заради замената на класичната комуникација по поштенски пат со електронската пошта, а има се помалку оштетени или изгубени пратки. - Македонските граѓани не се доволно информирани и за нивните права за рекламации, односно за квалитетот што им е загарантиран со закон. Во тој дел е забалежан мал број рекламации и тоа поле треба да се искористи за унапредување на правата на корисниците, изјави Влатко Атанасовски, директор на Агенцијата за пошти, на денешната јавна седница на тоа тело.
Се бележи тренд на задоволство кај корисниците на поштенските услуги од поштенските оператори што ги остваруваат своите активности на слободниот пазар. Тоа е тренд што покажува развој на пазарот и постојано следење на чекорите за негова либерализација.
Македонскиот поштенски пазар веќе четврта година по ред бележи пораст во однос на вкупниот број доставени поштенски пратки. Лани е евидентиран обем од 75 милиони пратки, што претставува пораст од околу 17 проценти во однос на претходната година. Моментно просечниот број на поштенски пратки е 36 по глава на жител.
Според Атанасовски, следната година ќе биде клучна за развојот на поштенскиот пазар, како претпоследна година во која се уште ќе постои резервираната област за достава на поштенски пратки на Македонска пошта. До крајот на 2014 година МП има ексклузивно право да доставува поштенски пратки со тежина до 50 грама, по што и останатите оператори добиваат право да ги доставуваат тие пратки по пазарни услови.
- Тоа ќе биде година во која националниот оператор ќе успее или не доволно да се прилагоди на конкурентските услуги и во која останатите оператори ќе треба да се етаблираат на пазарот и да го заземат својот пазарен удел. Се надевам дека континуираниот тренд на пораст на пазарот ќе продолжи и следната година, а Агенцијата за пошти како регулатор се разбира треба да овозможи соодветна правна рамка за успешна реализација, изјави Атанасовски.
Процесот на приватизација на МП, посочи Атанасовски, е веќе почнат и е избран консултант што на Владата ��ако основен сопственик на акциите треба да и понуди соодветен модел за приватизацијата.
|