25.12.2012, 13:22 Божикна честитка од Груевски до католичките верници
Премиерот Никола Груевски по повод најголемиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божик, упати честитка до бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија.
- Божик е највеличенствениот ден за милиони Христијани во светот, ден на серадосната тајна, ден кога Христос слезе на земјата и се роди заради нас и нашето спасение. Раѓајќи се во голема скромност човекољубивиот Бог не научи дека секој човек е подеднакво вреден, дека сите сме еднакви и со исти можности. Затоа, во духот на мирот и заедништвото, поттикнати од идејата за зачувување и негување на највисоките човечки вредности во што особен придонес има и Католичката црква, да се стремиме кон меѓусебна соработка и почитување и создавање трајни дела и вредности. Истовремено да ги афирмираме и духовните вистини, да се ослободиме од сите негативни чувства, за да може слободно да делуваме хуманистички притоа следејќи ги моралните закони во нас, вели Груевски во честитката.
Вечните духовни вредности, како што потенцира, кои извираат од христијанската традиција, нека станат наше секојдневие.
- Да ги прифатиме како основни критериуми во нашиот живот, опстојувајќи постојано во верата, вербата, љубовта, себевложувањето, искреноста и чесноста, и врз овие добродетели да ги градиме и нашите постапки во животот, за постојано да создаваме услови за подобар живот на граѓаните, економски развој на државата и општеството, подобри можности за нас и нашите поколенија, и да продолжиме со изградбата на силна, модерна и напредна Република Македонија, истакна Груевски.
Посакувајќи им празниците да ги поминат во мир и спокојство, радоста и разбирањето, Груевски им порача да продолжат да даруваат безусловна љубов и почит кон ближните.
|