27.12.2012, 13:10 Ибраими македонски фудбалер на годината
Играчот на Марибор собра повеќе гласови од Пандев и од Новески, Стјепановиќ најдобар на домашната сцена
Агим Ибраими е најдобриот фудбалер на Македонија за 2012 година. Членот на словенечки Марибор доби најмногу гласови во изборот за ласкавото признание во конкуренција на капитенот во националниот тим Горан Пандев (Наполи) и стоперот на Мајнц 05, Николче Новески. Промоцијата ќе се одржи вечерва во музејскиот комплекс „Македонска борба“ во Скопје, во организација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Ибраими е стандарден првотимец на Марибор. Во оваа сезона одигра 34 меча во сите конкуренции и постигна девет гола. Два во квалификациите за Лига Европа (ЛЕ), по еден во квалификациите за Лигата на шампиони (ЛШ), во групната фаза во ЛЕ и во пријателски дуел и четири во словенечката прва лига. Забележителни настапи зачинети со погодоци имаше и во македонскиот состав. Се впиша во листата на стрелци во трите последни натпревари на репрезентацијата, погоди против Хрватска и против Србија во Скопје во квалификациите за Светското првенство во 2014 година и во пријателската средба против Словенија на „Филип Втори“.
Остоја Стјепановиќ, пак, е најдобриот во фудбалската сцена во Македонија за годината во која ги одбројуваме последните денови. За јавноста немаше дилеми. „Вардарецот“ притоа беше убедлив во однос на ривалите - Фисник Нухиу од Ренова и Крсте Велкоски од Работнички. Се стекна со репрезентативен статус по доаѓањето на Чедомир Јаневски на селекторската позиција. Останува да го сочекаме зимскиот преоден рок и да видиме дали и тој ќе замине во странство на полусезоната како што беше случај со последните неколку играчи што беа промовирани во најдобри фудбалери во домашната сцена.
Поранешниот прв човек во соблекувалната на Вардар, а сега претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, ќе го понесе признанието за најдобар тренер во конкуренција на Драган Бочески од Напредок и екскормиларот на Ренова, Влатко Костов. Давид Бабунски од Барселона е најдобриот млад фудбалер на Македонија за 2012 година, Александар Ставрев, пак, е лауреат меѓу судиите. Наградите во футсал ќе завршат кај КФМ Железарец. Зоран Левески е најдобриот футсалец, Зоран Лекиќ е најдобар тренер.
Наташа Андонова од бундеслигашот Турбине Потсдам е најдобра фудбалерка за 2012 година. Ланскиот вардаров напаѓач Филип Ивановски е најдобар стрелец во машка конкуренција, Виолета Спировска од Наше такси во женска. Фер плеј признанието ќе заврши во вистините на Силекс, додека првиот човек на Хоризонт Турново, Орце Тодоров, е најдобриот спортски работник за оваа година. Посебни признанија ќе добијат легендите Кочо Димитровски, Методија Спасовски, Јово Манасиевски. (С.Д.)
|