28.12.2012, 14:26 (ФОТО) Ибраими и Стјепановиќ горди на признанијата
Играчот на Марибор прогласен за македонски фудбалер на годината, а неговиот колега од Вардар е најдобар на домашната сцена
ФОТО: Петр Стојановски
Првотимецот на словенечки Марибор и на репрезентацијата на Македонија, Агим Ибраими, го доби признанието за најдобар македонски фудбалер во 2012 година. При изборот тој собра најмногу гласови во конкуренција на Горан Пандев и на Николче Новески и притоа не го криеше задоволството. Зад него е, вели, успешна календарска година, со добри партии на клупски и репрезентативен план. Искрено се надева и посакува да го служи здравје, да го слушаат нозе и да продолжи со уште подобри изданија во кариерата во иднина.
„Настапите за репрезентацијата на Македонија ми претставуваат голема чест. Сигурно дека и оваа награда е големо задоволство за мене и мотив плус за иднина. Сон на секој фудбалер е да биде најдобар во својата земја, а сонот ете ми се исполни. Тука нема да застанам. Продолжувам натаму уште посилно за уште подобро. Се надевам на мноштво добри игри во периодот пред нас. Би сакал да упатам голема благодарност и до моите соиграчи во националниот тим и во Марибор кои имаат голем уддел за наградата што ја добив. Без нивна помош и поддршка ќе беше тешко да дојдам до вака големо признание за кое сите ние се бориме и го посакуваме“, ни изјави Агим Ибраими, македонскиот фудбалски лауреат за 2012 година.
На репрезентативен план посакува континуитет во подигнување на нивото на игри и резултати и се надева дека така ќе биде. На клупски план, пак, засега се чувствува добро во Марибор, но не исклучува евентуална можност за промена на средината во зимскиот преоден рок. Добро да се одмори во претстојните денови и притоа да обезбеди мир, вели, му е најважно, а фудбалските работи ги препушта на менаџерите.
Впечатлива година имаше и Остоја Стјепановиќ во дресот на Вардар. И самиот ја оценува како успешна, а потврда за тоа доби и при синоќешниот избор. Собра убедливо најмногу гласови за периодот зад нас во кој се стекна и со статус на репрезентативец. И заслужено. Одигра голема улога во враќањето на шампионската титула во вардаровите витрини по пауза од девет години, а без него тешко може да се замисли средниот ред на тимот што ќе презими како лидер во првенството. Во летниот период, заедно со „црвено-црните“, достојно ја претставуваше Македонија и во квалификациите за Лигата на шампиони против БАТЕ Борисов.
„Оваа награда е голема чест за мене. Доаѓа како плод на макотрпна работа во изминатиот период, но истовремено претставува обврска и мотив за натамошна посветеност. Благодарност за сите што учествуваа во изборот, за сите што гласаа за мене. Свој удел во признанието, што е сон на секој играч, имаат вработените во Вардар, соиграчите како и најблиските членови во семејството и пријателите кои ми даваа безрезервна поддршка во ова што го работам“, вели неприкосновениот за оваа година во д��машната фудбалска сцена, Остоја Стјепановиќ.
За менување на средината не размислува. Среќен е во Вардар, клуб со кој има договор до јуни во 2013 година, па оттука вели дека останува максимално посветен на обврските кон колективот. Можноста за трансфер, сепак, не ја исклучува за што ќе рече:
„Само во случај на екстра квалитетна понуда ќе седнеме со директорот и со тренерот и заеднички ќе разговараме за најдобро решение и за мене и за клубот во дадениот момент“, дополнува Стјепановиќ, кој, како новогодишна желба, посакува многу здравје, среќа и многу радосни моменти за сите во 2013 година. (С.Д.)
|