24.12.2012, 13:51 Лион и ПСЖ со по три гола до нови три бода
Претендентите за титулата во Франција ефикасни во 19. коло
Екипите на Пари Сен Жермен и Олимпик Лион постигнаа по три гола за нови три бода во борбата за титулата во француското првенство. ПСЖ како гостин во второто полувреме го скрши отпорот на Брест. Златан Ибрахимовиќ го доведе фаворитот во водство во 55. минута, а победата на „светците“ ја потврдија Гамеиро и Менди. Со голот против Брест, Ибрахимовиќ израмни еден од рекордите во француското првенство. Шведскиот репрезентативец стигна до 18 погодоци израмнувајќи го рекордот на Вахид Халилхоџиќ, кој во сезоната 1984/85 по првата полусезона вкупно 18 пати ги тресеше противничките мрежи. Таа сезона Халилхоџиќ во дресот на Нант на крајот заврши со 28 погодоци. Тренерот на ПСЖ, Карло Анчелоти, е задоволен од прикажаната игра и верува дека неговиот тим во 2013 година може да се радува на титулата.
„Теренот беше очаен, но затоа ние одигравме одличен фудбал. Во првото полувреме не притискавме многу, но го контролиравме мечот. Оваа победа е добра за нашата самодоверба. Ако продолжиме со ваква игра, верувам во успех во 2013 година“, рече Анчелоти.
Лион стигна до осмата победа на свој терен сезонава откако со 3-0 славеше против Ница. Лисандро погоди за водство на домаќините, а Ревејер зголеми на 2-0 во 56. минута. Работата на Лион му беше олеснета, откако гостинскиот голман Оспина доби црвен картон. Пред ова гостување, Ница имаше низа од три победи и едно реми, но не успеа да најде решение како да остане непоразен на ова тешко гостување.
Во едно од најефикасните кола во Франција, најрасположени за голови беа на дуелот Ајачио - Рен на кој гостите славеа со 4:2.
|