25.12.2012, 15:41 Пократка постапка, но построги критериуми за инвалидска пензија
За најмногу два месеца, пациентите ќе имаат информација дали имаат право или не на инвалидска пензија. Ова е резултат на скратената постапка за добивање инвалидска пензија, која донесе и намален број нови инвалидски пензии. Во 2009 година биле издадени 7.600 решенија за инвалидска пензија, а годинава Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) доби нови 7.345 корисници, меѓу кои се и 1.336 лица, чии предмети се влечеле со години. Со текот на годините се намалува бројот на инвалидски пензии. Така, ако во 2009 година имало 2.284 апликации за инвалидска пензија, годинава тој број изнесува 1.873. Колку и кои барања за инвалидска пензија се одобрени, а колку се одбиени или вратени поради дополнителна документација може да се види и на сајтот на ПИОМ.
„Намалениот број барања се должи на се' поригорозните контроли и заострените критериуми за добивање инвалидска пензија. Извештаите за работа на комисиите ги има на веб-страницата на Фондот и тука граѓаните може да проверат дали добиле одобрение за инвалидска пензија, дали се одбиени или предметот е вратен поради дополнителни документи. Со овие извештаи ќе се врши притисок врз комисиите за оценување на работната способност, а не како порано да се чека на одговор од шест до девет месеци, па и повеќе“, изјави директорот на ПИОМ, Беким Незири. Според него, во 2013 година ќе влезат со нула заостанати предмети, зашто ги решиле сите 1.336 предмети, нерешени со години.
Според Незири, барателите за инвалидска пензија за најмногу 24 дена од денот на поднесувањето на барањето се повикуваат на комисија за преглед, а за 59 дена добиваат решение за инвалидска пензија.
Покрај шестмина лекари, во комисиите ќе се вработат уште четири лица. Гаранција дека барателите кои се одбиени не се оштетни, за Незири се трите комисии при Министерството за труд и социјала, каде што се врши ревизија на одобрените решенија, но и на оние што се одбиени, по принцип на случаен избор. (Ј.Ј.В.) |