27.12.2012, 13:12 Попов се повреди на мечот со КПР
Бекот на ВБА излезе од игра поради болки во задната ложа и е неизвесен за гостувањето на „Олд трафорд“
Македонскиот интернационалец во редовите на Вест Бромвич Албион, Горан Попов, немаше среќа да ја продолжи серијата на одлични настапи во дресот на неговиот нов клуб. Откако на претходните два меча беше прогласен за играч на мечот, Попов на дуелот со Квинс Парк Ренџерс се здоби со повреда на задната ложа. Македонскиот фудбалер одигра само 35 минути, а откако почувствува болка во пределот на десната нога веднаш беше заменет. Незгодната повреда го оддалечи докрај да биде дел од десеттата јубилејна победа сезонава на неговиот тим со конечен резултат од 1:2.
„Имам истегнување на задната ложа. Ќе направам подетални прегледи на кои ќе се дознае сериозноста на повредата. Не би требало да биде ништо страшно, но во секој случај мојот настап против Манчестер јунајтед на Олд трафорд викендов е неизвесен“, изјави Попов.
Токму тука лежи најголемиот пех за нашиот интернационалец. Попов можеби нема да биде способен за гостувањето на сезоната за него и за неговиот тим, во храмот на фудбалот „Олд трафорд“, против актуелниот лидер и најголем фаворит за освојување на титулата тимот на Манчестер јунајтед. Сепак, најпрво да се надеваме дека Попов набргу ќе биде во ред, а дерби-средби и гостувања во Премиер-лигата секогаш ќе има.
|