25.12.2012, 17:09 Илиевски на местото на Бабунски?
Над 30 тренерски имиња аплицирале досега за кадровски решенија за петте главни младински фудбалски категории. Дефинитивната листа ќе се знае до крајот на оваа недела. Некој ден екстра е намерно оставен како можност при разгледувањето да учествуваат и евентуалните кандидатури по пошта. Именувањето на селекторите е предвидено кон средината на јануари, а дотогаш треба да „одиграат“ многуте лоби-групи. За фаворитите за петте нови платени функции во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) никој не сака да лицитира. Оттаму велат рано е, иако низ кулоарите веќе кружат имиња, презимиња и прекари на дел од лицата што би требало да добијат доверба од раководството за водење на еден од националните состави.
Еден од нив е Добринко Илиевски. Неофицијално дознавме дека тој е прв пик во ФФМ за кормилото на репрезентацијата за фудбалери до 21 година. Иако досега не бил прв тренер на екипа (беше помошник на Илчо Ѓорѓиоски во Македонија ЃП и во Вардар, функција што Илиевски ја извршува и во моментот кај „црвено-црните“) треба да биде наследник на Бобан Бабунски.
Тони Јакимовски, неофицијално, се врзува со селекцијата до 19 години, албански фудбалски стручњаци најверојатно ќе работат со генерациите со 17 години и до 15 години. Како едно од можните решенија за нив е Менсур Јакупи, а како најсериозен кандидат за новоформираната У-13, нашите извори, го споменуваат Боби Стојковски. Неговата репрезентација ќе биде со функција подготвителна (заедно со У-16 и У-18) за спортската академија.
Деветте распишани критериуми за избор на селектори не важат за идните кадровски решенија во женски фудбал, во футсал и во аматерската репрезентација на Македонија. За разлика од функциите во генерациите У-21, У-19, У-17, У-15 и У-13 што ќе бидат платени во иднина, за овие три работни места не се предвидени пари од буџетот на ФФМ за професионален ангажман, туку селекторите ќе се плаќаат од повик. (С.Д.) |