25.12.2012, 14:04 На Кубица му недостасува Формула 1
На Полјакот му е тешко да ги гледа трките, дотолку повеќе што во блиска иднина нема шанси да се врати во овој спорт
Роберт Кубица открива дека многу му недостасува Формула 1, но вели дека мали се шансите да се врати во тој спорт во блиска иднина. Кариерата на поранешниот возач на Заубер и на Рено претрпе тежок удар во 2011 година, кога беше сериозно повреден во незгодата на релито Ронде ди Андора, при што делумно му беше откината десната подлактица. Рехабилитацискиот процес беше долг и болен и иако тој се врати на трките во некоја форма, Ф1 се' уште е многу далеку од него. За човек кому му прилега натпреварувачката тркачка атмосфера, тоа е горчливо апче за голтање.
„Тешко ми е да ги гледам Ф1-трките“, изјави тој за „Дејли експрес“. „Ми недостасуваат трките, тоа е најголемиот проблем. По трка, кога сум дома, помислувам дека водам здодевен и монотон живот. Кога возам, благодарение на концентрацијата, ограничувањата навистина не влијаат многу врз мене. Благодарен сум за тоа што го имам. Не можеш да добиеш од животот се' што ќе посакаш. Кога возам тркачки возила сигурно е многу подобро отколку пред шест месеци и тоа е многу блиску до тоа што го правев пред незгодата. Значи, многу добро е. Ако можам повторно да ја движам раката слободно, има шанса да се вратам. Но, додека се случи тоа, треба да видиме. Нема шанси да се вратам во Формула 1 наскоро“.
Повредите на Кубица се доволно санирани за да му дозволат да се натпреварува во други форми на мотоспорт, но физичките барања на Ф1 се' уште го прават враќањето во врвот на овој спорт невозможно.
„Цврстината, моќта во раката не е толку добра како што беше, но ако тоа беше единствениот проблем - два месеца третман и тој би исчезнал“, изјави Кубица. За жал, има поголеми проблеми на чие решавање треба да се концентрирате отколку на силата. Имам ограничена функционалност на дланката и на прстите, но тоа е нешто за кое сум убеден дека полека ќе се врати, бидејќи на нервите им треба доста време. Имаше мал напредок годинава. Таков е животот. Нема да добијам ништо од фрустрирањето. Многу е едноставно. Нема друга опција освен да продолжам да работам“.
|