27.12.2012, 13:41 Ѓаволски тешка победа на Јунајтед
Лидерот во Премиер-лигата три пати беше во негатива против Њукасл, но со голот на Чичарито во последната минута славеше со 4:3
На „Олд трафорд“ Манчестер јунајтед и Њукасл одиграа фантастичен натпревар со седум погодоци, жестока борба и судиски грешки, кои директно влијаеја на резултатот. Гостите дојдоа во предност (0:1) со голот на Џејмс Перч по „киксот“ на Де Геа, а издржаа до 25. минута кога Еванс израмни (1:1). Веднаш потоа стрелецот на изедначувачкиот гол си постигна автогол (1:2). Судијата Мајк Дин го призна погодокот иако се работеше за офсајд. До крајот на полувремето Њукасл од слободен удар ја погодија гредата, но сепак на полувреме заминаа со предност.
Голема ефикасност актерите на теренот покажаа во второто полувреме. Патрис Евра изедначи (2:2) со одличен удар од дистанца, меѓутоа десет минути подоцна преку Папис Сисе трет пат Њукасл стигна до водство (2:3).
Откако Јунајтед тргна во тотална офанзива, кој беше оштетен за недосуден пенал, пред изедначувачкиот гол на Ван Перси за 3:3 судијата му прогледа низ прсти поради удар на Колочини. Потоа двете екипи ја погодија гредата, а во 90. минута Хернандез донесе злато вредно три поени поставувајќи ги конечните 4:3.
„Уште еднаш моите играчи покажаа храброст и упорност. Три пати заостанувавме и во трите случаи се вративме и поради тоа заслуживме да ги освоиме бодовите. При вториот гол на Њукасл судијата направи евидентна грешка, меѓутоа мило ми е што тоа не ни го уништи натпреварот“, изјави Фергусон, кој прашан за бодовната разлика на табелата по поразот на Сити додаде: „Не е важно на која позиција сме на табелата и не е важно колкава е нашата предност. Важно е што денеска одигравме како шампиони“.
Напаѓачот на Јунајтед Вејн Руни мора да паузира три недели поради повреда на лигаментите на коленото која ја доби на тренингот пред мечот со Њукасл. Вчера Англичанецот беше во ложата, а според процените ќе ги пропушти дуелите со ВБА, Виган и Ливерпул.
На североистокот на Англија Сити не успеа да го одржи чекорот со градскиот ривал бидејќи Сандерленд со погодокот на Адам Џонсон славеше со 1:0. Да биде трагедијата поголема Џонсон е поранешен играч на Сити за кого Манчини не успеа да најде место во својот тим. Англичанецот постигна убав погодок со шут од далечина, а на голот му „кумуваше“ и Харт со лоша интервенција.
Поразот може да ги чини „граѓаните“ и губење на титулата бидејќи сега „црвените ѓаволи“ им избегаа на плус 7 поени.
Фудбалерите на Челзи не погрешија. По фантастичната победа над Астон Вила минатото коло сега го совладаа Норвич на нивни терен со 1:0. Играта на „сините“ не беше на високо ниво, меѓутоа и тој труд што го вложија им донесе резултат. Победничкиот гол го постигна шпанскиот интернационалец Хуан Мата.
Резултати од 19. коло: Евертон - Виган 2:1, Фулам - Саутемптон 1:1, Манчестер јунајтед - Њукасл 4:3, Норвич - Челзи 0:1, КПР - ВБА 1:2, Ридинг - Свонси 0:0, Сандарленд - Манчестер Сити 1:0, Астон Вила - Тотенхем 0:4, Стоук - Ливерпул 3:1.
Табела: Манчестер Ј. 46, Манчестер С. 39, Челзи 35 (-1), Тотенхем 33, Евертон 33, ВБА 33, Арсенал 30 (-1), Стоук 28, Свонси 25, Ливерпул 25, Норич 25, Вест Хем 23 (-1), Сандерленд 22, Фулам 21, Њукасл 20, Астон Вила 18, Саутемптон 16 (-1), Виган 15, Ридинг 10, КПР 10.
|