23.12.2012, 20:51 Гечевски со тројка му пресуди на Широки
Центарот на МЗТ Скопје со прецизен удар за три поени на три секунди пред крајот донесе победа од 72:71
Македонскиот шампион и претставник на нашата држава во регионалната кошаркарска АБА лига, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ја оствари деветтата победа во 15 натпревар од ова натпреварување. „Аеродромци“ до победата против Широки Брег (БиХ) стигна во крајно драматична и неизвесна завршница.
Најзаслужни за третата победа во низа на МЗТ беа Ѓорѓи Чековски, кој реализира 21 поен и Тодор Гечевски, кој постигна 15 поени од кои и тројката на три секунди пред крајот на натпреварот.
Македонскиот првак првата четвртина ја заврши во своја корист со резултат 22:8, а следните две ги загуби со 22:17 и 19:10. Во последните 10 минути се влезе со изедначен резултат 49:49, двете екипи наизменично доаѓаа до водство. Домаќините имаа во последната минута +3, но Чековски со тројка изедначи. Следуваше реализација за Широки на шест секунди до крајот за водство од 71:69, а тогаш по тајм-аутот на Алеш Пипан, Гечевски постигна тројка за голема радост и најавување висок пласман на МЗТ Скопје во дебитантскиот настап во силната Јадранска лига.
По оваа победа и пред комплетирање на 15.коло, екипата од Аеродром се искачи на петтото место на табелата или само една позиција пониско, која обезбедува играње на завршниот „фајнл-фор“ турнир.
На другите натпревари од 15.коло во АБА лигата кои досега се завршени Крка – Партизан 58:66, Црвена Звезда – Задар 88:79, Сплит - Унион Олимпија 78:70 и Цибона – Шолнок 97:71. Вечерва играат Раднички – Цедевита, а колото ќе биде заокружено утре со натпреварот во Подгорица каде Будуќност ќе ја пречека водечката екипа на табелата Игокеа.
Табела: Игокеа 12-2 (победи-порази), Црвена Звезда 10-5, Партизан 10-5, Цедевита 9-5, МЗТ Скопје Аеродром 9-6, Унион Олимпија 8-7, Будуќност 7-7, Раднички 7-7 , Цибона 6-9, Задар 6-9, Сплит 6-9, Крка 5-10, Широки 4-11 и Шолнок 4-11. Следниот натпревар МЗТ Скопје Аеродром ќе го одигра на 5 јануари 2013 година на домашен терен против Будуќност.
|