26.12.2012, 13:24 Хорнер го фали „херојскиот дух“ на Ред бул
Тимскиот шеф на шампионот во Формула 1 ја нагласува посветеноста на персоналот за третата двојна круна годинава
Тимскиот шеф на Ред бул, Кристијан Хорнер, вели дека атаката врз титулата во Формула 1 во 2012 година го мобилизирала неговиот персонал повеќе од кога и да е претходно. Себастијан Фетел и Ред бул на крајот ја испорачаа третата двојна круна во низа, но дури откако излегоа на крај со Фернандо Алонсо во острата битка што потраја до последните кругови од сезоната. Во првата половина од годината Ред бул често пати се наоѓаше во незавидна положба додека Мекларен уживаше во периоди на доминација, а напред беа и тимовите како Лотус и Мерцедес.
„Тие секогаш работеле напорно, но годинава сметам дека беше убедливо најтешкиот предизвик за нас“, се осврна Хорнер на својот персонал. „Ова беше најтешкиот шампионат и во конкуренција на конструктори и кај возачите, бидејќи моравме навистина да се бориме за да се вратиме во врвот. Токму тоа ја прави титулата уште повредна од многу аспекти“.
Хорнер нагласува дека персоналот на Ред бул во 2012 година отишол подалеку од своите должности, повеќе од кога и да е порано.
„Персоналот го жртвуваше своето слободно време далеку од дома, од семејствата и од пријателите. Тоа беше посебно забележливо во Милтон Кинс“, вели тој. „Причината поради која овој тим е толку успешен е поради духот во екипата. Начинот на кој ние работиме како тим, начинот на кој работиме како една целина. Има толку многу херојски приказни годинава за луѓе што испорачаа повеќе од тоа што беше побарано од нив за да се извлече максимумот од болидот, да се усогласат компонентите за конкретната патека, да се обезбеди развој во воздушниот тунел, да се остварат сите тие цели. Тоа што ќе го видите в недела попладне е само мал процент од тоа што е вклучено во гранпри-тимот. Овој шампионат и оваа тројна круна никогаш не би можеле да се замислат без посветеноста на персоналот“. |