25.12.2012, 14:09 Снајдер ги договори личните услови со Тотенхем
Холандскиот репрезентативец доколку успее да го раскине договорот со Интер, сигурно во јануари ќе се пресели на „Вајт харт лејн“
Холандскиот фудбалски репрезентативец Весли Снајдер ги договорил личните услови со екипата на Тотенхем и доколку успее да го раскине договорот со Интер, сигурно во јануари ќе се пресели на „Вајт харт лејн“. Снајдер веќе неколку месеци е во конфликт со челниците на Интер откако играчот најави дека не сака да го продолжи договорот со миланскиот гигант, според кој ќе му биде намалена платата. Поради одбивањето да остане на „Џузепе Меаца“, Холанѓанецот како дисциплинска мерка беше исфрлен од првиот тим и веќе три месеци нема заиграно на ниту еден меч.
Тотенхем сака да најде креативец кој ќе ја организира играта на средината на теренот и треба да биде замена за Рафаел ван дер Варт и Лука Модриќ кои го напуштија клубот. Лондонскиот премиерлигаш е подготвен да плати околу 12 милиони евра за предвремен раскин на договорот на Снајдер кој во кариерата има играно и во Ајакс и Реал Мадрид. Покрај Тотенхем, за Снајдер отпорано се интересира и Манчестер јунајтед, но и рускиот богаташ Анжи.
|