27.12.2012, 15:43 Година во знакот на Тодор Гечевски
Центарот на МЗТ Скопје првпат во кариерата е прогласен за најдобар домашен кошаркар
Тодор Гечевски првпат во својата долгогодишна кариера доби награда од Македонската кошаркарска федерација (МКФ) за најдобар играч во домашното првенство. Кошаркарот на годината беше најзаслужен што МЗТ Скопје ги освои титулите во првенството и во Купот на Македонија, а искусниот центар е лидер во дебитантската сезона на „металците“ во АБА- лигата.
Церемонијата на свеченото прогласување на најуспешните во македонската кошарка за 2012 година мина без лично присуство на Перо Антиќ, кој доби награда за најдобар македонски играч во странство. Капитенот на македонскиот национален тим беше во Шпанија каде што со својот клуб Олимпијакос синоќа и' гостуваше на Каха Лаборал во рамките на првото коло од фазата топ 16 во Евролигата. Клупските обврски го спречија Антиќ да се појави во Скопје, па признанието го прими неговиот постар син 5-годишниот Лука.
За Антиќ годинава беше најуспешна во кариерата бидејќи првпат стана европски првак, а со Олимпијакос го освои и грчкото првенство.
Кај жените почестите заслужено ги доби Моника Гаврилоска. Кошаркарката на кипарски АЕЛ Лимасол беше најкорисна во македонската репрезентација на ЕП за мали земји во Охрид.
Најдобри млади играчи се Кристијан Николов од Галатасарај и Андреј Магдевски од Партизан. Оваа категорија е единствена во која двајца добија ист број гласови од медиумите и прволигашките тренери. Во конкуренција на младинки најуспешна е Александра Стојановска од Бадел.
Тренер на годината е Александар Тодоров, човекот кој ќе остане запишан во историјата на МЗТ како прв што му донел титула на клубот и прв што водел македонска екипа во Јадранската лига.
Во женската кошарка за најдобар тренер е изгласан Перо Стамески од Вигор Скопје. Кај тренерите во младинска конкуренција, најдобри се Бранко Андриевски од Вардар кај машките и Александар Домлевски од Бадел кај девојките. Веќе неколку години по ред најдобар судија е Александар Милоевиќ.
Признание за животно дело го доби Михајло Равњански, долгогодишен кошаркарски работник и екссекретар на Работнички.
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, -2°C
Делумно облачно
|
Недела
Сончево
Макс: 6°C, Мин: -4°C
|
Понеделник
Сончево
Макс: 6°C, Мин: -4°C
|
|
|
|
|
Фељтон Јованка Броз – ТИТОВА СОВЛАДЕТЕЛКА (39)Зошто Јованка бараше масерка.„Утрински весник“ специјално за своите читатели во целост ги објавува сите 50 продолженија на фељтонот „Јованка Броз-Титова совладетелка“ |
|