27.12.2012, 13:15 Ибрахимовиќ повторно најдобар во Шведска
Со 46 отсто од гласовите на фановите Ибрахимовиќ заврши на првото место пред натпреварувачката во скијачко трчање Шарлоте Калум колегата од истиот спорт Маркус Хелнер
Златан Ибрахимовиќ четврти пат по ред ја собира наградата за најпопуларен шведски спортист. Со 46 отсто од гласовите на шведските спортски фанови Ибрахимовиќ заврши на првото место пред конкуренцијата Шарлоте Калум, натпреварувачката во скијачко трчање и колегата од истиот спорт Маркус Хелнер.
„Наградите доаѓаат од гласовите на навивачите се посебни. Се чувствувам многу пријатно по добивањето на статуетката“, изјави напаѓачот на ПСЖ и моментално прв стрелец во француската Лига 1.
Луческу го напушта Шахтар?
Актуелниот шампион на Украина, Шахтар, наскоро би можел да остане без тренерот Мирчеа Луческу кој изрази желба да се пресели во турскиот гигант Фенербахче. Романецот за турските медиуми откри дека на крајот на сезоната би можел да ги напушти „рударите“ и да седне на клупата на жолто-сините од Истанбул.
„Ми недостасуваат Истанбул и Турција. Ако Фенербахче ми понуди договор, морам да почекам до крајот на сезоната, кога ми истекува договорот со Шахтар. Моментно можам само да ви кажам дека Фенер има се' што е потребно за да стане еден од најдобрите европски клубови“, изјави Луческу, кој претходно двапати работеше во Турција, и тоа како тренер на Галатасарај и на Бешикташ и со двата клубови ја освои шампионската титула.
Луческу осум сезони е на клупата на украинскиот клуб со кого освои вкупно 15 трофеи меѓу кои и од Купот на УЕФА во 2009 година.
|