20.12.2012, 12:58 Стојановиќ поуспешен од Пандев
Дејан Стојановиќ доби шанса од тренерот на Болоња да брани во осминафиналниот дуел на „Сан Паоло“ против Наполи, во кој гостите славеа со 2:1
Младинскиот фудбалски репрезентативец на Македонија, Дејан Стојановиќ, излезе поуспешен во Купот на Италија од капитенот на сениорската селекција Горан Пандев. Стојановиќ (19) доби шанса од тренерот на Болоња да брани во осминафиналниот дуел на „Сан Паоло“ против Наполи, во кој гостите славеа со 2:1 само три дена откако на истиот терен го совладаа тимот на Пандев со 3:2 во Серија А. Најдобриот македонски фудбалер, кој го одигра целиот меч, десет минути до крајот при резултат 1:1 го погоди левиот дирек од голот на Стојановиќ. Наполи поведе преку Единсон Кавани во 12. минута, израмни Кристијан Пасквато во 38. минута, а Панајотис Коне со погодокот во судиското надополнување го елиминира бранителот на трофејот во италијанскиот Куп.
Стојановиќ бранеше цел натпревар за Болоња. Роден е во австрискиот град Фелдкирх, има македонско потекло и за репрезентацијата на Македонија до 21 година дебитира кај селекторот Бобан Бабунски на пријателската средба со Црна Гора во март минатата година. Тогаш го прифати повикот и од селекцијата до 19 години на Австрија за три меча од квалификациите за Европското првенство 2012, но не застана на голот. (Р.Д.) |