20.12.2012, 15:09 Син ја задави мајка си поради цигара
Дваесетгодишно момче од Неготино ја уби 69–годишната Надежда Донева, која го посвоила
Ангел Данов
НЕГОТИНО - Син ја убил мајка си поради расправија за цигара. Еден ден по пронаоѓањето на телото на 69–годишната Надежда Донева во нејзиниот дом во Неготино, полицијата го расветли случајот и соопшти дена станува збор за убиство. Првичните сознанија дека има траги на насилство на телото на жената, ги потврди и обдукцијата. Донева била задавена од нејзиниот посвоен син, по банална расправија која се случила во нивниот дом. Дваесетгодишното момче С.Д е приведено и го признало убиството во полиција.
Неготинци се згрозени од веста за новото убиство. Коментираат дека не сфатливо е децата да посегнуваат по животот на своите родители само поради недоразирања и банални расправии. Бараат државата ��а посвети поголемо внимание кон младите луѓе. За кратко време втор случај на убиство на родител во Неготино.
Се започнало завчера изутрина во домот на Доневи кога се случила расправијата меѓу мајката и посинокот. Таа му пререкла што пуши, а тој се нафлил врз неа, давејќи ја. Откако го извршил грозоморниот чин, го напуштил домот. Се вратил по два часа и побарал лекарска помош. Лекарот ја констатирал смртта и го пријавил случајот во полиција. По извршената одбукција е констатирано дека давење со раце од синот е причината за смртта на Надежда. СВР Велес до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против С.Д. а истражен судија му одредил мерка притвор во траење од 24 часа.
Мајката долго време се жалела на насилството кое што го трпела од синот. Во повеќе наврати го пријавувала и во полиција, по што му биле поднесувани кривични пријави за загрозување на сигурноста при семејно насилство и телесна повреда при семејно насилство.
„Причина за ова кривично дело се нарушени семејни односи, нетрпеливост и подолго време расправање со својата мајка. Неготинската полиција изврши увид наместото на убиството. Прегледан е лешот и пронајдени се траги на насилство. Последната расправија настанала поради запалена цигара од синот. Мајката реагира. Синот станал и со раце ја задавил“, рече портпаролот на СВР Велес, Ненко Александров.
Лекарите констатираат дека причините за ваквите испади се во стресот кој особено го чувствуваат младите и напнатоста кај нив од една страна и послабите амортизациони способности од друга страна. Побаравме стручно мислење од психијатар, бидејќи за кратко време ова е второ убиство извршено од млад човек.
„Со вакви брутални настапи кои се екстремни реагираат поединци кои се со пониски адаптациони способности. Ова е застрашувачко и загрижувачко. Јас би рекол дека и самите сторители на кривичните дела се жртви на сплет на околности. Можеби тоа е повеќе акт на една непромислена моментална афективна состојба. Можеби и претходно размислувале да сторат нешто такво, но изгледа делото е сторено во афект. Секое убиство е ужасен чин сам по себе, уште повеќе кога се убива родител што е крајно нечовечки“, вели психијатарот Блажо Саздов.
Саздов е категоричен дека многу млади се испуштени од контролата на родителите. Затоа во многу случаи одговорноста е во постарите. Индикаторот е запален и крајно време е да се реагира соодветно. Ова е само сигнал дека нешто не е во ред, вели нашиот соговорник.
|