20.12.2012, 14:08 ЕУ бара одговорно однесување од политичките партии
Европската унија ги повикува сите политички партии во Македонија да се однесуваат одговорно и главна цел на агендата да им бидат реформите со кои ќе овозможат Европската комисија да донесе позитивен извештај напролет. Ова е официјалниот став на Брисел во врска со политичката криза во нашата земја предизвикана од блокирањето на донесувањето на буџетот за 2013 година.
Од Комисијата, исто така, ја искоментираа и заканата на опозицијата дека нема да учествува на локалните избори напролет.
- Вашата земја треба да ја фокусира целата енергија и напори и да испорача резултати со што ќе и овозможат на Комисијата да даде позитивен извештај за прашањата што се во фокусот, како реформите и слично, а што потоа ќе им овозможи на земјите-членки да донесат позитивна одлука за отворање на пристапните преговори, истакна Петер Стано, портпарол на ЕК. Според него, „ова треба да биде главната ц��л на политичката агенда на земјата!“. Тој не ги коментираше позициите на различните политички актери, ниту шпекулираше што би можело да се случи ако..., но потсети дека за напредокот на Македонија во евроинтеграциите треба да придонесат сите политички актери во земјата.
- Сите политички партии имаат одговорност да обезбедат локалните избори во пролетта 2013 година да се спроведат на отворен, плуралистички и транспарентен начин, изјави Стано.Според портпаролот на Комисијата, ЕК и земјите-членки гледаат на изборите кај сите аспиранти и кандидати за членство како на една од потребните мерки за напредок.
|