21.12.2012, 14:08 За патишта и железници 50 милиони евра од ИПА
Вкупно 50,3 милиони евра од третата компонента на фондовите ИПА ќе бидат вложени во изградба на железничка и патна инфраструктура. Како што соопшти министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, средствата треба да се потрошат најдоцна до 2017 година.
„На веб-страницата за тендери на Европската унија е распишана објава за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Албанија како дел од Коридорот 8. Со тоа практично почнува постапката за избор на консултант“, рече Јанакиески.
Договорот се очекува да биде склучен во втората половина на 2013 година со буџет од осум милиони евра. Приоритет, според министерот Јанакиески, ќе добие и изработката на главен проект и тендерска документација за изградба на делницата Крива Паланка - граница со Бугарија, исто така како дел од Коридорот 8. Предвидени се и проекти за железничките делни��и Скопје - Кичево и Велес - Битола, како и основен проект за делницата Драчево - Велес.
Со средства од фондовите ИПА ќе се рехабилитираат и патните делници по должините на Коридорот 10, а ќе се изработи и Акциски план за подобрување на безбедноста на патиштата по должина на Коридорите 8 и 10. (Ек.Р.)
|