21.12.2012, 14:11 Бездомниците од Момин Поток добија ранци со топла облека
На дневно ниво кога има екстремно ниски температури, тука можат да преноќат и да се згрижат од 25 до 35 лица
Градоначалникот Коце Трајановски заедно со членови на Црвен крст на Скопје денеска ги посети бездомните лица во пунктот за бездомници во Момин Поток и им подели 40-ина ранци со топла облека. Жените-корисници на Дневниот центар за стари лица подготвија колачи и друга храна која им беше поделена на бездомниците.
„Градот ги помага активностите на Црвен крст со околу 4,5 милиони денари на годишно ниво, а една од тие активности е и функционирањето на овој пункт. На дневно ниво, кога има екстремно ниски температури, тука можат да преноќат и да се згрижат од 25 до 35 лица. Покрај здравствената грижа и хигиената, од годинава в�� пунктот напомош доаѓа и еден социјален работник, како и еден психолог кои им помагаат на овие лица да се вратат во нормалниот животен тек“, рече Трајановски.
Во базата на податоци на Црвен крст се регистрирани 84 бездомни лица кои двапати во неделата го посетуваат овој пункт. Пунктот е отворен во понеделниците кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, берберски услуги, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, како и оброк и топла напивка. Транспортот на корисниците на услуги на пунктот го обезбедува Црвен крст и тоа од неколку локации во градот и по добиените услуги, бездомниците повторно се враќаат на истата локација. Оние, пак, кои поради здравствената состојба имаат потреба од привремено сместување се згрижуваат во прифатилиштето каде што можат да останат додека не закрепнат. (С.Р.)
|